Ракометниот клуб Металург се огласи по повод пишувањата за скандалот кој го предизвика нивниот голман Дарко Станиќ на турнирот во Струга кога сакаше да се пресмета со судијата Николов.
Соопштението објавено на официјалната веб-страница на клубот го пренесуваме во целост:
„Ракометниот клуб Металург во согласност со својата политика и својата стратегија за работа чувствува обврска и потреба да реагира во врска со тенденциозната ескалација на случајот „Станиќ“.
РК Металург целосно застанува во заштита на својот член и еден од најдобрите светски голмани Дарко Станиќ и смета дека од инцидентот во финалето на турнирот во Струга непотребно се прави „случај“ со драматични размери. Вербалниот дуел меѓу Дарко Станиќ и судијата Славе Николов е непримерен, но вообичаен за спортски натпревар со драматична завршница и со силен емотивен набој. РК Металург не го оправдува однесувањето на Дарко Станиќ, кој како искусен интернационалец не смее да си дозволи емотивни испади за време на натпревар, каков што беше тој во Струга. За таквиот свој потег тој беше соодветно казнет од страна на судиите, а клубот го санкционира со интерно извинување.
РК Металург предупредува дека понатамошно ширење и своеволно толкување на овој настан не е во ничиј интерес, особено не во интерес на клубот, кој е исправен пред голем предизвик во пресрет на квалификацискиот двомеч со екипата на Пик Сегед, за влез во групната фаза на Лигата на шампионите.
Да не заборавиме дека токму Станиќ е еден од најзаслужните за големиот успех на Металург, соодветно и на македонскиот спорт. Жигосувањето на Станиќ сигурно не е потег што ќе му донесе добро на нашиот ракомет. Во интерес на доброто на македонскиот ракомет, РК Металург бара смирување на страстите и враќање на мирот, кој многу му е потребен на тимот пред натпреварот на сезоната, против Унгарците, на 28 август, во Скопје“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.