| четврток, 6 декември 2018 |

Кастро: Не очекував да живеам толку долго

fidel-kastro

Поранешниот кубански лидер Фидел Кастро изјави дека е среќен што е воопшто жив откако во 2006 година лекарите откриле дека е неизлечиво болен од тешка стомачна болест. Во авторски текст што е објавен во партиското гласило „Гранма“ по повод 87-годишниот роденден на остарениот и со сè уште нарушено здравје, Фидел Кастро објаснува дека се одлучил да се повлече и да му ја предаде власта на пет години помладиот брат Раул кога лакарите му давале малку време за живеење.
„Во такви услови беше сосема нереално да се очекува дека ќе можам да издржам уште еден седумгодишен мандат“, пишува Кастро во „Гранма“. Тој беше на власт уште од победата на кубанската револуција во јануари 1959 година. Кастро се повлече од сите функции по дијагнозата на лекарите, а во февруари 2008 година поднесе формална оставка на функцијата врховен командант и претседател на Куба.
Неговиот брат Раул, кој сите изминати години по освојувањето на власта беше министер за одбрана, иако го продолжува патот на револуцијата почнат од неговиот брат Фидел, сепак, во изминатите години презеде низа мерки за промена на тврдата комунистичка линија, дозволувајки промени во економијата со давање правото на лична сопстеност на Кубанците и овозможување да патуваат во странство.
Во авторскиот текст Фидел Кастро за прв пат открива дека во осумдесетите години на 20 век примил оружје од Северна Кореја откако Советскиот Сојуз и неговиот тогашен лидер Јуриј Андропов го известиле дека повеќе нема да го бранат комунистичкиот остров на Карибите.
– Доколку бидете нападнати од САД ќе мора самите да се браните – му рекол тогаш Андропов на Кастро. Тогаш Куба решила да набавува оружје од други земји, а од Северна Кореја примила 100.000 „калашњикови“ и многу миниција за еден милион кубански борци.
„Другарот Ким Ил Сунг тогаш ни прати многу оружје без да побара за тоа ниту еден цент“, вели Кастро во својот напис во „Гранма“ што се појавува еден ден по неговиот роденден. Признанието на поранешниот кубански лидер доаѓа по откривањето на кубанско оружје скриено на еден севернокорејски брод во Панама. Експерти на ОН испитуваат дали со тоа е прекршено ембаргото на испракање оружје за режимот во Пјонгјанг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top