| четврток, 6 декември 2018 |

Јаневски: Се надевам на уште подобра форма во квалификациските натпревари

GEO14

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Чедомир Јаневски, задоволен од триумфот над Бугарија во пријателскиот натпревар што синоќа се играше на арената „Филип Втори“.

Според Јаневски, победата од 2:0 треба да биде поттик за уште подобра игра во претстојните квалификациски натпревари со Велс и со Шкотска.

–  Задоволен сум од оваа победа, секако, триумфиравме над една квалитетна репрезентација, каква што е Бугарија. Имавме повеќе свежина во завршницата и конечно успеавме да реализираме дел од шансите што ги создадовме. Имавме и претходно неколку можности, но не реализиравме. Тоа понекогаш им се случува и на големи фудбалери иако желбата секако е присутна. Имавме многу технички грешки, при додавањата, при реализацијата. Ќе треба да подобриме некои елементи, но најважно е што се залагавме и можам само да им честитам на фудбалерите за таквиот приод. Има уште дваесетина денови до квалификациските дуели, мислам дека сите фудбалери тогаш ќе бидат во уште подобра форма – изјави селекторот Јаневски.

Јаневски го поздрави и дебитантскиот настап на младиот Давид Бабунски во дресот на сениорската репрезентација.

– Бабунски покажа дека е квалитетен играч. Има одлична техника, игра добро на средината на теренот, покажа дека може да биде и дрзок во дуелите со противничките играчи. Тој е голема иднина на Македонија, но не треба сега да му правиме притисок и веднаш да очекуваме премногу од него. Тој може да игра и во комбинација со Пандев, но и да го менува капитенот на неговата позиција, што секако ни дава многу повеќе комбинации во навалната линија – рече Јаневски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top