Германската економија во вториот квартал бележи развој каков што не е забележан од пред една година. Дали е тоа доволно да ја извлече еврозоната од рецесија? Тоа е под знак прашалник, смета Ролф Венкел.
На прв поглед најновите податоци за економскиот растеж се наменети за ширење добро расположение. По стагнацијата зимоска, потрошувачите кои се расположени да купуваат, растечките инвестиции и зголемената побарувачка од странство се погрижија економското постигнување во Германија во вториот квартал да порасне за 0,7 проценти – најголем плус по една година.
Бидејќи Германија, како најголемата економија во Европа, добива толкав залет што може да им помогне и на соседите да застанат повторно на нозе, многумина набљудувачи веруваат дека рецесијата во Европа веќе можат да ја прогласат за завршена. И Франција, второто по големина стопанство во еврозоната, пролетта забележа неочекуван плус од 0,5 проценти, дури и минусните бројки во Шпанија и Италија статистичарите ги вреднуваат како успех, зашто се помали отколку во претходните квартали.
Така, не е никакво чудо што статистичарите од Евростат првпат по шест квартали јавуваат за плус – стопанството во еврозоната бележи пораст од 0,3 проценти во вториот квартал.
„Еврозоната ќе се извлече од рецесијата“, гласи тенорот, а во тоа Германија има лавовски удел.
Несигурен темел
Можеби е така, но една ластовица не ја прави пролетта. Основата за робустен и траен подем во Европа е под знак прашалник. Бундесбанката и германската влада очекуваат во втората половина од годината извозно ориентираното стопанство повторно да се врати една брзина наназад.
Со тоа токму локомотивата, во која Европа полага толку многу надежи, повторно ќе забави. А и во Франција уште не е јасно дали плусот од вториот квартал е почеток на подолготраен подем. Политиката во Франција, во секој случај, досега не се истакна со голема реформска зрелост.
Ролф Венкел, автор на коментарот.
Ризикот – светска економија
Во глобалното економски опкружување постојат доволно ризици и непредвидливости, кои дополнително можат да го спречат подемот на стопанството во Европа. Навистина, во САД економијата покажува знаци на опоравување, но затоа пак земјите во забрзан економски развој од азискиот простор бележат намалени стапки на пораст, со соодветни помали изгледи за извозната индустрија во Европа.
Дури и во Јапонија, и покрај успешната економска политика на премиерот Абе, забрзувањето е забавено. Се чини политиката на Шинзо Абе, која се обидува со ултралабава монетарна политика и кредитно финансирани конјуктурни програми да му вдахне повторно живот на стопанството, како да го губи ефектот.
Прашалниците остануваат
Но, значајни проблеми остануваат и натаму не само во земјите во забрзан развој и Јапонија, туку и во Европа. Со почетен подем ни оддалеку не е решен проблемот на презадолжените државни буџети во Европа. Исто така досега речиси ништо не е постигнато и кај структуралната нерамнотежа во конкуретната способност на евроземјите. Од друга страна, политиката на евтини пари и кредити на Европската централна банка среднорочно крие опасност од создавање меури и инфлација. Врз ваква основа никогаш досега не бил можен робустен и стабилен економски подем.
Очигледно е: во Европа може да се спознае промена на трендот, но дали тоа значи вовед во подолготраен економски напредок и дали Германија и натаму може да остане носечката локомотива? Тука може да се постави голем прашалник, па макар и од претпазливост.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Европа го освои „Лејвер купот“ (Видео)
-
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија ќе оди напред во ЕУ и во НАТО, но без Заев
-
Студен бран од Сибир ја зафати Европа: Неверојатно ниски температури во Франција, Италија, Полска, тројца починаа од студ (фото)
-
Во Австралија беснее грип поопасен од свинскиот – се шири и кон Европа