Република Македонија денеска ја исплати целосно еврообврзницата земена во 2009 година и со тоа се раздолжи за 183 милиони евра, соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски. Со ова, како што рече тој, е намален државниот долг на 28,5 проценти од БДП.
Тој истакна дека, ова е добар сигнал кон инвеститорите дека Македонија е земја со висок степен на макроекономска стабилност и целосно исполнување на сопствените обврски што, како што рече министерот, е значајно за во иднина кога ќе се пристапи кон пазарот на капитал.
– Со исплатата на оваа еврообврзница де факто на краток рок и нивото на државниот долг се намали на 28,5 проценти од БДП. Се разбира со средствата што ги обезбедивме од Светската банка и со гаранцијата од Светска банка ние ќе ги надоместиме овие средства, односно ќе го вратиме нивото на девизни резерви тогаш кога ќе пристигнат во Република Македонија, рече Ставрески.
Тој додаде дека Република Македонија треба да исплати уште една еврообврзница во 2015 година што е земена во 2005 година и очекува да биде исплатена на идентичен начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.