Советот за радиодифузија досега на фирмата „Агромеханика“ за закупниот простор на булеварот ВМРО во центарот на Скопје досега има исплатено околу 800 илјади евра или над 49 милиони денари.
Од податоците во основниот договор и анкес договорите потпишани во изминативе години забележливо е дека трошоците на СРД за кирија и подмирување на режиските трошоци раснеле со секој нов договор. Така од првичната вкупна сума за кирија во висина од 7.097 евра месечно до крајот на 2011 година оваа сума пораснала на 9.717 евра.
Според основниот договор, СРД под закуп зела 835 метри квадратни деловен простор од вкупно 1.642 метри квадратни кои што „Агромеханика“ ги поседува во зградата. Првичната цена изнесувала 8,5 евра по метар квадратен без ДДВ. Договорот е потпишан на 15 ноември 2006 година од претседателот на Управниот одбор на „Агромеханика“, Мето Јовановски и тогашниот претседателот на СРД, Мирче Адамчевски.
Во договорот се наведува дека две третини од трошоците за вода и струја ќе ги плаќа СРД, а „Агромеханика“ ќе подмирува само една третина, трошоците за парно и телефон ги плаќа само СРД.
Првиот анкес договор е потпиша само 15 дена подоцна кога СРД се обврзува да земе под закуп дополнителни 40 метри квадратни подрумски простории по цена од 4,25 евра со што вкупната кирија на оваа државна институција се зголемила на 7.267 евра месечно.
Вториот анекс договор е потпишан на 25-ти јануари следната година кога СРД ги проширува своите простории за уште 40 квадрати деловен простор сопственост на „Агромеханика“. Киријата овој пат се зголемува на 7.575 евра.
Закупот на СРД се продолжува за три години со новиот анекс договор од 22-ри август 2011 година, а трошоците за СРД раснат дополнително бидејќи сега треба да плаќа три четвртини од сметките за вода и струја.
СРД во октомври 2011 година закупува дополнителни 195 метри квадратни деловен простор од „Агромеханика“ овој пат по цена од осум евра за квадрат и подрумски простории 144 метри квадратни по цена од четири евра.
Кирија што по овој договор треба да ја плаќа СРД изнесува 9.717 евра месечно, а при тоа се договара и СРД целосно да ги покрива трошоцит за вода и струја.
Токму поради високата кирија, државата одлучи да изгради објект за потребите СРД во близина на хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје. Изградбата на административната зграда предизвика низа реакции откако поради потребите за нејзино градење беа исчени неколку дрва. Власта смета дека сечењето на неколку дрва е оправдано имајќи предвид дека ќе се заштедат огромни суми пари, кои досега завршувале во привнатни џебови, откако ќе се изгради новата зграда на СРД. Опозицијата остро реагираше на сечата на дрво, сметајќи дека на власта и’ е поважно да изгради барокна зграда од мислењето на граѓаните кои се против отстранување на градското зеленило.
Од власта, пак одговорија, дека опозицијата не се грижи за дрвјата, туку за профитот што човек близок до СДСМ и нејзиниот поранешен лидер го има од кирија што ја плаќал СРД
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


