Со свирежи и транспаренти, стотина новинари, членови на новинарските здруженија и на новинарскиот синдикат протестираа пред кривичниот суд барајќи ослободување од притвор на новинарот Томислав Кежаровски.
Во едночасовниот протест новинарите ги повикаа инситуциите да не ја убиваат слободата на изразување, а од нивниот колега побараа да се откаже од штрајкот со глад.
На предлог на претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаушидис, со едноминутно молчење се оддаде почит за убиената слобода на изразување.
Главниот уредник на весникот Нова Македонија, Зоран Димитровски, побара од судот веднаш да го ослободи нивниот колега Кежаровски и го повика државниот врв да застане во одбрана на новинарството и слободата на изразување.
– Најважно е неговото здравје, неговиот живот и благосостојбата на неговите најблиски. Нам ни треба Кежаровски, жив и здрав да се врати и заедно да ја продолжиме нашата професионална работа и обврска како медиум пред јавност – рече Димитровски.
Одлуката на судот за продолжување на притворот на Кежаровски за претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, е скандалозна и спротивна на Уставот и законите. Според него, оваа одлука е дрска бидејќи од новинарите сака да направи монструми.
Слаѓана Димишкова од Македонската асоцијација на новинари им порача на надлежните дека правдата единствено може да се задоволи доколку колегата Кежаровски е на слобода.
– Апелирам до надлежните да не ги повторуваат грешките, еднаш веќе навлегоа во грешка и дадоа мерка притвор, тоа го повторуваат. Мора да прекинат со своите грешки и да го пуштат колегата Кежаровски да се брани од слобода – истакна Димишкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.