Уште една седница на Советот на Општина Центар почна со кавга. Овојпат дебатата беше треба ли градоначалникот да присуствува на сите седници на Советот? Од Општина Центар велат дека, според Деловникот, не треба, освен ако не е предлагач на точка на дневен ред. Но, советниците на ВМРО-ДПМНЕ инсистирале на негово присуство.
Даниела Рангелова, советничка од ВМРО-ДПМНЕ, побара, како што рече, само да му го слушне гласот на градоначалникот.
Жерновски одговори:
– За разлика од градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, јас најредовно учествувам во работата на Советот. Сакате гласот да ми го слушнете. Тоа е добро затоа што советниците на вашите градоначалници не можат лицата да им ги видат. Градоначалниците ги гледаат еднаш во три месеци. Се распрашував за работата на другите совети– рече Жерновски.
Инаку, денеска советниците во општина Центар го разгледуваа работењето во основните училишта кои се на оваа територија. Од седумте училишта мнозинството ги усвои извештаите за работењето во учебната 2012/2013 на ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и ОУ „Коле Неделковски.
– Серија забелешки, копирање на извештаите од претходната година, ефикасно трошење на училишните буџети, ова беа причините за неусвојување на извештаите на ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Димитар Миладинов“, ОУ „Кочо Рацин“, ОУ „11 Октомври“, ОУ „Св. Кирил и Методиј“. Финансиската состојба на сите училишта во Општина Центар е речиси иста, со натрупани долгови кои се провлекуваат со години – велат од Центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.