| четврток, 6 декември 2018 |

Биолошкиот часовник во градовите чука побрзо

Infinity-Time1Научниците ги проучија биолошките активности во циклус од 24 часа на птицата кос во урбани и рурални средини на југот на Германија и утврдија дека градските птици се будат порано и одмораат покусо од птиците кои живеат во шумите.

Истражувачи од Германија и Шкотска објавија резултати од студија во журналот Процедури на Кралското општество Б. Истражувањето заедно го спроведоа Универзитетот во Глазгов и Институтот за орнитологија Макс Планк.

Научниците фатиле голем број косови во Минхен и блиска рурална шума. На птиците ставиле лесни радијски предаватели и потоа го следеле интензитетот на активностите преку ден во период од десет дена.

– Нашата работа покажува дека животинските видови имаат поинаков внатрешен часовник – изјави директорот Барбара Хелм од Универзитетот во Глазгов.

Таа рече дека градските птици го почнуваат својот ден половина час пред зората, а нивните шумски роднини дури откако ќе изгрее сонцето.

Хелм додаде дека овој ритам е потврден во лабораториски услови и дека биолошкиот часовник кај птиците во урбаните средини е помалку стабилен, посебно во најпрометните делови од градовите.

Овој научен тим соопшти дека постои растечки консензус за тоа дека градовите и населените места вршат значајно влијание на внатрешниот часовник кај луѓето и животните.

Истражувачите потенцираа дека е потребна дополнителна работа за да се утврди дали овие измени можат да предизвикаат здравствени проблеми или да придонесат за подобро функционирање на организмот во урбаните средини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top