Со громогласен аплауз и овации синоќа беа поздравени актерите во претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски, копродукција помеѓу Вера Комирсажевскаја од Санкт Петербург и Народниот театар од Битола, со што свечено беше отворено првото издание на „Битола Шекспир фестивал“. На отворањето во преполниот салон на Центарот за култура во Битола пред присутните се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
-Велат дека одбележувањето на јубилеите и чувството да се биде сведок на континуитетот на настаните и времето претставува најголемо задоволство. Но, верувам дека ќе се согласите со мене дека можноста да се биде дел од раѓањето на една нова традиција е најголема привилегија за сите нас, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Таа додаде дека со Битола Шекспир фестивал, Република Македонија се впишува на мапата на вербалното и сценско богатство на Шекспир, кое одново и одново се разоткрива. Градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески манифестацијата ја оцени како моќна, силна и исклучителна и потенцираше дека Битола Шекспир фестивал ќе придонесе за уште поголема афирмација на културата.
Директорот на Народниот театар од Битола, Валентин Светозарев во своето кратко обраќање пред присутните им се заблагодари на Министерството за култура и општина Битола за големото чувство кое го имаат за поддршката за вистинските вредности во културата.
На програмата на Битола Шекспир фестивал вечерва во 21 часот на сцената на Народниот театар во Битола (поради временските услови нема да биде одржана во Хераклеја како што беше најавено) е претставата Хенри 6, прв дел во режија на Никита Миливојевиќ, а во изведба на Националниот театар од Белград, додека утревечер на малата сцена во НТ Битола во 20 часот ќе биде изведена претставата Кралот Лир, адаптација на Нина Салинен и Катја Крон од Финаска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вечерва почнува „Битола Шекспир Фестивал“: Претставата „Јулие Цезар (Res publica или Cosa nostra)“ го отвора фестивалот
-
Александар Аладишев, руски актер: Театарот е универзален јазик
-
Со музичко-сценски „Шекспир колаж“ почна „Битола Шекспир фестивал“
-
Валентин Светозарев: Битола Шекспир фестивал ја промени репертоарната политика на нашите театари