| четврток, 6 декември 2018 |

Стопанствениците и се налутија на Владата: Не ни се даде можност да дадеме аргументи за прогресивниот данок

Стопанствениците и се налутија на Владата. Револтирани се што законот за личен доход со кој се воведува прогресивен данок на приходите над 1500 евра, во Собранието ќе се носи без да се слушне што за него мисли бизнис секторот. Четири стопански комори обвинуваат дека Владата работи спротивно на ветувањата дека ќе гради партнерски однос при креирање на легислативата.

-Не му се даде можност на бизнисот да даде аргументи за реформата и не се испочитува рокот од 20 дена за забелешки, ниту оди во прилог на партнерскиот однос што владата го прокламира“, кажа Дриљон Исени Комора на северозападна Македонија.

Владата има спротивен став, тврдат дека во законот се вметнати барањата на стопанствениците. Приходите се предвидени во буџетот и со нив ќе се финансира минималниот адекватен доход, растот на платите во здравството, подобрување на условите во градинките и училиштата и други проекти.

-Важно е законот да биде донесен навремено, со цел истиот да стапи на сила од почетокот 2019 година како што беше најавено. Во текот на целата година во јавноста беше отворена дискусија за праведното оданочување и токму дел од барањата на стопанствениците беа земени предвид при креирањето на законот, соопштија од Министерството за финансии.

Коморите бараа прогресивниот данок да се одложи за 5 години за да не се зголеми даночната евазија и работата на црно, а прагот од 1500 евра според нив е многу низок и ќе удри на ИТ инженерите. Даночната реформа уште предвидува данок од 10 на 15% за капиталните добивки, закуп, дивиденди и добивки од игри на среќа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top