| четврток, 6 декември 2018 |

Прогресивниот данок е добар само за развиените економии, но не и за Република Македонија

Република Македонија, како земја во развој која има потреба од креирање на нови работни места има потреба од ниски даноци и едноставна даночна политика. Рамниот данок кој беше воведен во 2006/7 година ја стимулираше економијата и влијаеше на намалување на невработеноста. Тој допринесува за  поголема успешност во прибирањето на даноци и е  данок кој е праведен  за сите, за разлика од прогресивниот данок, кој удира по џебот на успешните и ги даночи сите оние кои со својот труд направиле нешто повеќе, тој дестимулира и ја зголемува даночната евазија.

Иако рамниот данок е успешна приказна за македонската  економија, а воведен од страна на владата на  ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006/7 година, владата на СДСМ реши да ја замени успешната пракса и да влезе во даночно воајерство, наспроти сите апели на бизнис заедница и граѓаните воопшто.

Наспроти негодувањата на јавноста власта вчера од пресконференција најави дека го менува системот за оданочување, по принципот на рамен данок и ќе воведе прогресивен систем на оданочување, каде сите кои заработуваат над 1.500 евра во денарска противвредност ќе бидат оданочени со дополнителни 8%.

Експертите кои ги консултираше нашата редакција велат дека воведувањето на прогресивниот данок ќе значи „дотепување“  на македонската економијата, која во изминатиов период и така беше погодена од негативните економски политики на власта.  Тие се децидни дека прогресивниот данок би поттикнал криење приходи односно даночна евазија.

Според професорот на Американ колеџ, Томе Неновски целта е да се намали социјалната разлика меѓу граѓаните што исто така нема да може значајно да ја постигне таквата крајна цел, со оглед на фактот дека има релативно малиот број на лица кои што имаат многу високи износи на плати, но ова прогресивно оданочување ќе поттикне сивата економија затоа што работодавците ќе наоѓаат разни начини како да ја намалат, а некаде и да ја елиминираат разликата над прагот над кој ќе се пресметува и плаќа прогресивен данок.

Додека Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери на Македонија во изјава дадена во емисијата Економски Магазин пред само неколку месеци смета дека оваа реформа од страна на Владата на СДСМ и Зоран Заев е само гол популизам а не суштинска економска анализа.

Ако ги земете анализите, Владата повеќе ќе потроши во службите во УЈП, со промената на пресметките, бидејќи рамниот данок лесно се смета, прогресивното оданочување бара нови служби во УЈП, бенефитот што ќе го добие од оданочувањето на тие осум илјади луѓе, ќе е помал отколку трошоците што ќе ги направи УЈП, за наплата, под услов 100% да е наплатата, да нема евазија. А знаеме штом покренете прогресивна даночна стапка, а особено кај луѓето кои се во фелата, тие знаат како да си ги прикажат преку трошоци и да направат евазија што е полу-легална, вели Витанов.

Додека пак други економски експерти сметаат дека оваа реформа е избрзана, недоволно обмислена и стравуваат дека од најавената мерка за прогресивно оданочување можно е преселување на приходите надвор од државата.

Од Страна на Американската стопанска комора АмЧам Македонија 2025 и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ до Министерството за финансии доставиле низа аргументи каде што се потенцира дека воведувањето на прогресивното оданочување ќе ја намали продуктивноста, ќе ја зголеми невработеноста и сивата економија а со тоа ќе дојде до одлив на мозоците од земјата.

Унивезритетскиот професор Трајко Славески смета дека владата на СДСМ со оваа реформа ќе ја до уништи македонската економија, бидејќи ако со рамниот данок се поттикнува директните инвестиции со отворање на нови работни места кои пак придонесуваат за намалување на невработеноста, додека прогресивниот данок може само да придонесе за одвраќање на идните директни инвестиции во Македонија.

Голем број на експерти сметаат дека прогресивниот данок  е добар само за здрави и стабилни економии, кои достигнале  високо ниво на раст и имаат мала невработеност, односно прогресивното оданочување е  добар само за економии со високи активности, со висок бруто производ и висок животен стандард, што не е случај за Македонија, бидејќи пред само неколку дена Светска Банка го објави документ во кој Република Македонија е на дното на раст на БДП со 0,01 процент во Европа и регионот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top