| четврток, 6 декември 2018 |

Синот на претседателот на кичевскиот суд распределен на работа кај татко му

Шабан Алили, син на претседателот на Основниот суд во Кичево, судијата Баки Алили, е вработен во институцијата на чие чело е неговиот татко, објави Плусинфо. Во судската администрација тој завршил како еден од околу 950-те рамковно вработени лица кои годинава од Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор беа распоредени низ повеќе јавни институции каде требаше конечно да почнат да работат нешто.

Дека Шабан Алили се вработил во судот каде претседател е неговиот татко, потврдуваат и извори од Министерството за информатичко општество и администрација.

Како синот завршил на работа кај таткото, прашан е и првиот човек на Секретаријатот, Хазби Лика, но тој не одговорил на повиците и СМС пораките. Оттаму не можело да се најде ниту некој друг кој ќе одговори, иако во тимот на вицепремиерот уште петмина работат на позицијата за „следење на соодветната и правичната застапеност во институциите“.

Според Законот за судови забрането е во ист суд, судија со друг судија или судија-поротник да биде во роднинска врска.

-За судија или судија-поротник не може да биде избрано лице кое со судијата или судијата-поротник во истиот суд е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар- предвидува законот.

Иако синот на претседателот на судот не е судија или судија-поротник туку е вработен во судската администрација, сепак останува прашањето дали во случајот постои судир на интереси и прекршување на Законот за спречување на корупција во кој строго се забранува вработување на член од семејството во органот во кој одредено лице е на функција.

Судските познавачи брифираат дека во вакви случаи може да се препознае судир на интереси бидејќи работодавец во судовите се всушност претседателите, а не други институции како министерствата за финансии или за информатичко општество и администрација до кои формално се проследуваат документите.

Плусинфо го контактираше и судијата Алили, кој смета дека постапил согласно законот бидејќи не станува збор за вработување од оглас туку на барање на Владата, за што добил и согласност од надлежните институции. Неговиот син, не е единствениот административен службеник кој според рамковните распределувања завршил на работа во кичевскиот суд. До 2014 на таков начин биле врабоени 11-12 лица, а од 2016 до 2018 се барало распоредување на вкупно 5 лица, меѓу кои и неговиот син Шабан. Барањето од Секретаријатот за распределба на петмината било добиено годинава, откако во март Владата го презентираше планот.

– Ова не беше со објава на оглас за јас да го вработам синот, туку беше преземање вработени од Влада. Откако го добил барањето за распределување од Секретаријатот, веднаш пуштив писмо до Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии и до Судскиот буџетски совет. Во мај добив известување од Судскиот буџетски совет, во кое беше и известување од Министерството за информатичко опшество и администрација, дека нема пречки за реализирање на вработувањата. Во тие писма кои јас ги праќав за да добијам согласност, според барањата за распределба, стоеше и името на мојот син. Јас постапив според согласноста која ја добив – вели судијата Алили.

Според информациите, во Судскиот совет и буџетскиот совет досега не паднало такво сомнение. Оттаму официјално не се запознаени со конкретната ситуација од Кичево, но не ја исклучуваат можноста на некоја од наредните седници да го разгледаат случајот.

– Ако е тоа точно одговорноста е на самиот претседател бидејќи тој е работодавач – кратко одговори претседателот на Советот Зоран Караџовски.

Иако од Министерството за информатичко општество и администрација ни потврдија дека преку К-5 програмата, Шабан Алили е распределен во кичевскиот суд, каде претседател е татко му, додаваат дека надлежен за распределувањето е вицепремиерот Лика. Според информации на Плусинфо, Шабан Алили во кичевскиот суд е вработен пред повеќе од еден месец. Тој како и неговиот брат, кој е адвокат, е правник. Неофицијално, интересно е дека и двајцата браќа завршиле на Меѓународниот универзитет во Струга на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top