Полициска рација вчера откри насад со канабис сатива, растение од кое се добива марихуана, во атарот на скопското село Горна Матка.
МВР јави дека се пронајдени и откорнати 71 стебло со височина од 20 до 30 сантиментри од растението канабис сатива.
По претходно добиени оперативни сознанија дека во атарот на село Горна Матка има насад со марихуана, преземени се соодветни мерки и активности за откривање на точната локација на насадот, како и откривање на лицата кои го одгледуваат. Откако завчера е утврдено дека насадот се наоѓа на напуштено државно земјиште и дека нема услови за понатамошно набљудување со цел фаќање на сторителите, вчера по претходна консултација со обвинителството било излезено на лице место и искорнати се 71 стебло од растението канабис сатива, од кои 12 се подигнати за вештачење. Во близина на насадот се пронајдени и подигнати 7 празни саксии, кои, исто така, ќе бидат предадени за крим техничка обработка.
По изготвувањето на вештачењето до надлежното ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против непознат сторител за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, по чл. 215 од КЗ на РМ, МВР продолжува со преземање мерки и активности за пронаоѓање на сторителите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.