Фризерката Благица Дончевска, осомничена дека измамила голем број граѓани на кои им продавала евтини станови, пред судот тврдеше дека и таа била измамена од страна на нејзин роднина, Кирил Ситниковски.
Тој и се претставил како владин претставник во проект за купување станови за млади брачни двојки и за лица со посебни потреби, финансирани од владите на Холандија и на Белгија.
Дончевска нему му дала 35.000 евра за три стана, за кои тој ја убедувал дека се продавале во пакет.
Се согласила парите да му ги даде во кеш, а тој не и покажал никаква документација сè до денот кога му ги дала парите, кога и покажал некое Решение.
Тој тврдел дека познавал човек со име Ангел Лазаров којшто стоел зад овој проект и кој наводно бил инспектор во Министерството за труд и социјална политика.
Кирил ја упатил нејзе во проектот и дал список со станови во Ѓорче Петров и во Ново Лисиче и според тој список, Дончевска понатаму ги продавала становите околу 400 евра по квадрат.
Таа воопшто ги немала видено становите и не знаела дека сигурно постојат, ниту некој од оштетените, пак, побарал некаква документација.
„Јас не негирам дека има извршено уплати за станови на трансакциската сметка на татко ми, но јас не се претставував како владин претставник”, рече Дончевска пред судот.
Со дел од оштетените се запознала преку нејзината сестра која била хендикепирана.
Таа се правдаше пред судот дека дел од оштетените земале провизија за продадените станови и дека тие доброволно барале други лица кои би уплатиле на нејзината сметка и би ги купиле овие станови.
Меѓу оштетените е и пејачот Миле Кузмановски. Кога камерите влегле да снимаат, обвинетата го покрила своето лице и почнала да плаче.
Судењето е во тек и оштетената уште дава исказ пред судот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.