Седуманесетото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе се одржи од 8 до 18 ноември во скопското кино „Милениум“ и во Младински културен центар (МКЦ) под мотото „Збогати се преку ноќ“. Првпат нема да има класично отворање на Фестивалот со филм во „Милениум“, туку на 8 ноември во МКЦ ќе има неформално дружење. Подоцна, во 22 часот ќе биде прикажан филмот „Среќниот принц“ во „Милениум“.
– Мотото е наш коментар на обложувалниците кои ги има се повеќе. Ни беше предочено дека во Скопје за една година се отворени повеќе од 30 обложувалници. Затоа решивме мотото да биде „Збогати се преку ноќ“, но тука не мислиме на финансиско збогатување, туку на духовно. Мислиме на збогатување ако гледаш добар филм, а тоа „Синедејс“ го нуди – рече Русе Арсов, дирктор на МКЦ.
На годинешното издание на „Сиендејс“ ќе бидат прикажани повеќе од 100 филма во неколку програми и тоа: гала, официјална, СинеБалкан, музички документарци, МК во ЕУ, ретроспектива на Милош Форман, МК кратки филмови, студентска и детска програма и СинеМјузик, беше соооштено на денешната прес-конференција.
Во гала програмата ќе има 21 проекција на наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам, како „Крадци“ на Хироказу Коре-Еда, „Најмрачниот час“ на Џо Рајт, „Суспирија“ на Лука Гвадањино, „Фантомска закана“ на Пол Томас Андерсон, „Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ на Гас Ван Сант, „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс фон Трир, „Човекот што го уби Дон Кихот“ на Тери Гилијам, „Зајдисонца“ на Ласло Немеш, „Сите знаат“ на Асгар Фархади, „Студена војна“ на Павел Павликовски, „Белата врана“ на Реиф Фајнс, „Лоро“ на Паоло Сорентино, „Сликовница“ на Жан-Лик Годар, „Догмен“ на Матео Гароне, „Двојни животи“ на Оливие Асајас, „Остров на кучиња“ на Вес Андерсон, „Фаворитот“ на Јоргос Лантимос и „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ на Спајк Ли.
За музичката програма на „Синедејс“ информираше Владица Младеновски – Грга, кој соопшти дека таа годинава се состои од девет концерти, меѓу кои се: „Сеќавање на ЕКВ“ каде гостин ќе биде Срѓан Жика Тодоровиќ и концертот на Женскиот младински хор на МКЦ. Влезот е бесплатен.
Првпат на „Сиендејс“ ќе има СинеИндустри филмски маркет, на 16 и на 17 ноември. Марина Лазаревска, координатор и продуцент на студенската програма, рече дека е посветен на дистрибуцијата на филмот и целта е да ја инспирира публиката да побара нови можности за дистрибуција и да ги преиспита начините на кои се дистрибуираат филмовите.
Фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, Градот Скопје и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Затворањето е со премиера на „Еј“ на македонскиот режисер Васил Христов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Со долгоочекуваната премиера на филмот „Еј“ се затвора годинешното издание на „Синедејс“
-
На „Синедејс“ првпат ќе се одржи Форум на претставници од 12 филмски фестивали во Македонија
-
Вечерва на „Сиендејс“ последниот филм на Даниел Деј Луис
-
Женскиот младински хор при МКЦ одржа бесплатен џез концерт во рамки на „Синедејс“