| четврток, 6 декември 2018 |

Женскиот младински хор при МКЦ одржа бесплатен џез концерт во рамки на „Синедејс“

Женскиот младински хор при МКЦ и маестро Сашо Татарчевски со уште една несекојдневна понуда. Во рамки на годинешното издание на Cinedays, како дел од програмата Cinemusic, Женскиот младински хор при МКЦ под раководство на маестро Сашо Татарчевски одржа концерт насловен “JazzToVoice“. Како и многу пати до сега, оваа уметничка формација понуди нешто што кај нас до сега не се случило, а тоа е целовечерен концерт со џез аранжмани за женски хор а капела и женски хор придружуван од џез трио. Како гости на концертот учествуваа Кирил Туфекчиевски на контрабас, Гордан Спасовски на пијано и Виктор Филиповски на сет тапани, како и Ален Хаџи-Стефанов кој го водеше концертот и имаше краток осврт кон секоја од композициите. Според маестро Татарчевски, аранжманите за познатите џез стандарди кои беа изведени се направени од најдобрите светски аранжери за овој тип на музика. На програмата беа: The nearness of you”, “Isn`t it romantic”, “Charade”, “Skylark”, “Stormy weather”, “As time goes by”, “Mona Lisa”, “Love is here to stay”, “Autumn leaves”, “All the things you are” и “Bim-bom” од композиторски имиња како Џорџ Гершвин, Џероум Керн, Ричард Роџерс, Хенри Мансини, Џеј Ливингстон и др.

Концертот се одржа во неделата, во дансинг салата на МКЦ.

Женскиот младински хор при МКЦ е нашиот нај наградуван хорски ансамбл и е гордост на Младинскиот културен центар веќе четириесет и шест години. Само во последните три години хорот се закити со високи награди на интернационални хорски натпревари во Романија, Полска и Словачка, освојувајќи 5 први места и една GRAND PRIX титула.

Диригентот Татарчевски е моментално нај активниот диригент во Македонија, професор на факултетот за музичка уметност и раководител на симфонискиот оркестар и хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ како и професионалниот хор „Про Арс“ и Женскиот младински хор при МКЦ. Освен тоа, настапува и со Македонската филхармонија, МОБ и други ансамбли во Македонија и странство, а редовен член е и на неколку жири комисии на меѓународни натпревари и раководител на мастеркласи за диригирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top