Премиерот Дејвид Камерон поддржа законот. Долниот дом на британскиот Парламент синоќа во последна фаза го усвои законот за легализирање на истополовите бракови.
Откако ќе биде одобрен од кралицата, законот ќе стапи во сила, а тоа веројатно ќе се случи до крајот на неделата. Се очекува првите хомосексуални бракови да бидат склучени до средината на следната година. Законот беше поддржан од претставници на сите три партии – од конзервативците, лабуристите и либералите.
Со вчерашното гласање се стави крај на долгата парламентарна дебата во чии рамки дел од пратениците од владејачката Конзервативна партија даваа отпор против законот доставен од коалициската влада на ториевците и либералните демократи.
Премиерот Дејвид Камерон лично го поддржа законот во обид да покаже дека неговата партија е прогресивна, но тоа вознемири некои конзервативци, кои изјавија дека нивната христијанска вера им наложува да прифатат брак само меѓу маж и жена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.