Post Global Music Festival е мини фестивал на издавачката етикета post global recordings кој има за цел претставување на дел од локалните артисти кои ги издава. За првото издание ќе имаме прилика да го чуеме носечкиот проект post global trio, потоа Mnemonic45 и кураторот на етикетата Тони Димитров. Во понатамошните изданија е предвидено да бидат претставени и други артисти кои со својот концепт на работа (или изданија) гравитираат околу post global recordings. Post Global Music Festival ќе се случи во СЦ Дуња, во сабота, на 27 октомври 2018, во 20 часот.
Лејблот третира амбиентален звук (на локални и интернационални артисти) преку дигитални изданија од 2012 година, со досега 34 изданија зад себе. Се работи за потпроект и продолжение на истоимената емисија post global /conceptual program for new music/ која се емитува секоја среда на музичкото радио Канал 103, и презентира современ амбиентален / електронски / експериментален звук. Како нужна потреба од издаваштво во овој домен на локалната сцена и како соодветен издавачки oдговор на оваа емисија се конципира post global recordings, третирајќи артисти дефинирани под терминот „нова музика“.
Овој настан се организира по повод 18 години од започнувањето на оваа емисија и 5 години од основањето на етикетата.
Mузиката на Post Global Trio е сочинета од теренски снимки, суптилни делници и текстури и незабележливи репетитивни ритми кои резонираат некаде помеѓу апстракцијата и нарацијата, оставајќи ве без здив со својот звучен тек. Вметнатиот медитативен амбиент и теренските звуци ве носат низ имагинарни пејзажи, раскажувајќи приказна за чувствата и природата. Нивните настапи се искуство кое може да се почувствува на патување низ далечните територии на македонските планини каде се снимени користените теренски снимки. Post Global Trio е проект помеѓу Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски, настанат како континуитет на одредена комуникација, соработка и како нужност за развивање на одредена сцена. Нивното прво издание е достапно на издавачката етикета post global recordings, вториот албум се појави за американската етикета Unknown Tone Records, додека третиот за австралиската Twice Removed. Нивниот четврти албум е издаден за Холандскиот лејбл Shimmering Moods.
Mnemonic45 АКА Гоце Глигуровски, амбиент и soundscape звучен истражувач од Битола, е една половина од дуото Delta M45, кој ја отворија етикетата со првото издание post001, албумот Space Probe. Овој пат во соло издание, но доста слично по звук и пристап, ќе имаме прилика да го погледнеме Mnemonic45 со својот A/V настап. Гоце е препознатлив по својата музика инспирирана од планините и природата, комбинирана со суптилен вкус за амбиент и дрон стиловите. Главната инспирација му се звуците од околината која не опкружува. Музиката е под влијание на даб електрониката, подведена под дефинициите амбиент и soundscape, но одредена од минималистичната и суптилна естетика.
Тони Димитров е основач и куратор на етикетата post global recordings, но исто така ја води и емисијата post global на Канал 103. Издава музика под неговото име, под хиперпродуктивниот псевдоним Sound_00 или пак под најразлични проекти и колаборации. Неговиот звук се базира на теренски снимки од македонските планини или пак се сирови теренски нимки од неговите патувања. Во зависност од соработката со други артист, секој проект звучи различно, додавајќи од сензибилитетот на другиот артист. Активен е со проектитеSound_00/Dimitar Dodovski, Toni Dimitrov/Jared Sagar, Hunter/Gatherer (заедно со Ingman Wannerberg), Sound_00 + Lefterna, Toni Dimitrov/Dmitri Zherbin, Toni Dimitrov & DR, Toni Dimitrov & Rhucle, PostGlobal Trio, Post Global Duo… забележувајќи изданија на различни етикети насекаде низ светот, како што се Sonospace, Lagersaette, Winter-light, Shimmering Moods, Pilot 11, Unknown Tone, итн. Од аспект на звук, покрај тереснки сники, се бави и со радио уметноста. Својот звук го претставува и во вид на звучна уметност во галериски простор, изложувајќи го во облик на звучни инсталации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.