| четврток, 6 декември 2018 |

Кичевска бакалница купи 18 отсто акции на фабриката „Европа“

evropa fabrika

Кичевска компанија за трговија на мало, сопственост на едно лице, плати 1,88 милиони евра и купи 18 отсто акции со право на глас во скопската кондиторска индустрија „Европа“, пишува МКД.МК

Kичевецот Селаудин Арифи, сопственик на фирмата „АС Сењак“ плати 116 милиони денари на Стопанска банка Битола, која е продавач на овие акции, и во време на економска криза во која голем број домашни компании мака мачат со ликвидност или се воздржуваат од инвестирање, стана сопственик на 46.005 акции во „Европа“. Сега кичевската фирма е акционер што рамноправно ќе одлучува за активностите на „Европа“ со сегашните најголеми акционери „Фершпед“ и „Макошпед“.

Од тоа што може да се најде како официјален податок во Управата за јавни приходи компанијата во која единствен сопственик е Арифи е регистрирана со дејност „друга трговија на мало со неспецијализирани продавници“. Пребарувањето на интернет покажа дека ќе „АС Сењак“ лани во ноември добил тендер до 5.000 евра во кичевскиот Здравствен дом кому му продал хигиенски средства. Воедно оваа фирма е дистрибутер на брендовите на „Пелистерка“ за кичевскиот регион. Освен оваа дејност таа компанија има и Б лиценца за градење објекти издадена од Министерството за транспорт и врски, што може да се провери на официјалната интернет страница. Но овде не завршува листата дејности на Арифи. На страницата на Министерството за транспорт во последниот извештај за последниот квартал лани пишува дека фирмата, при контрола, прекршила правила за превоз на патници зашто вршела јавен превоз во возила што не исполнуваат услови за тоа, а во возилото немало и патен налог.

Арифи направи добра трговија: плати 10 евра поевтино за акција

Кичевската фирма „АС Сењак“ ги купи акциите во „Европа“ по единечна цена од 2.521,5 денари за акција, минатата недела во блок трансакција. Продавач беше битолската „Стопанска банка“. Банката пак на 27 декември лани истите акции ги купи по цена од 3.145 денари за акција. При таа трансакција банката беше и продавач на акциите, а имаше ангажирано извршител преку кого ги продаваше како запленет имот кој бил земен како залог за ненаплатено побарување по основа на кредит од радовишката компанија „Јака 80“.

По само шест месеци откако ги купи сама од себе, банката ги продаде овие акции со капитална загуба од 623,5 денари по акција. Капиталната загуба од оваа трансакција изнесува над 465.000 евра. Но, како што веќе пишувавме, банката со тоа што се ослободи од тој имот (хартии од вредност) успеа да ослободи финансиски средства кои мораше да ги чува како обезбедување за ненаплатеното побарување, кое успеа да го продаде со попуст од 19,8 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top