Претставици на грчките пан-македонски организации од Европа, САД, Канада, Австралија и Африка, денеска со два автобуси организирано од Лерин, го посетија античкиот локалитет Хераклеја крај Битола, јави дописникот на Канал 5.
Според нивната агенда посетата на Битола е дел од 11-тиот светски собир на пан-македонските здруженија од 13 до 15 јули.
– Дојдовме во туристичка посета на Хераклеја, туристички да ја посетиме Битола – вели еден од претставниците на грчката дијаспора.
-Од каде се сите овие посетители денеска?
-Од цел свет, и од Лерин, од секаде.
-Од каде доаѓате?
-Од каде доаѓаме?! Па грчки зборуваме-вели друг.
-Од Австралија сме-вели една од преставничките на грчката дијаспора.
– Од Канада -вели друга гостинка.
За Хераклеја се информираа на грчки јазик преку свој водич, по што се упатија во црквата Свети Димитрија. Во нивната агенда објавена на интернет стои дека оваа црква е една од најголемите христијански цркви во овој дел и дека е изградена од страна на богати Грци во градот, а иконите се со грчки натписи.
Надлежниот свештеник во Свети Димитрија денеска ги информираше претставниците на грчката дијаспора дека храмот Свети Димитрија припаѓа на Македонската православна црква и дека истиот е место за молитви, а не за зборување, при што особено им нагласи дека преку водичот информациите не може да се пренесуваат на грчки јазик без македонски превод. Тој не сакаше да зборува пред камера, но вели дека пишаните документи покажуваат дека за изградбата на црквата своевремено прилози дале сите битолски православни христијани без оглед на народноста, а оваа црква ја сметале за заедничка верска светиња.
По краток престој во црквата претсавниците на грчката дијаспора во дворот на црквата го проследија излагањето на водичот.
Инаку, вечерва во Лерин започнува третиот светски собир на Леринчаните од цел свет.
,,Од цел свет сме. Јас сум од Канада, инаку од едно село кај Лерин. Ова денес е последната посета во рамките на собирот, а вечерва започнува и собирот на леринчаните. Ние сме од семакедонските здруженија,,-рече Димитрис Карас.
Грчката дијаспора го посети и централното градско подрачје на Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



