На булеварот „Илинден“, наспроти сегашната палата на Рубенови, постоеја три куќи во кои живееја повеќе фамилии, од кои многумина настрадаа во земјотресот. Тука имаше куќa и познатото семејство Чапаровци. Меѓу нив, исто такаm имаше загинати. До нив се наоѓаше и една зграда на дебрани, а тука беше и познатата пилјарница што ја држеше Спиро Тантуровски. Тоа кобно утро природната стихија однесе повеќе животи токму на ова место.
Во тој дел на „Илинденска“ живееше и познатиот фудбалер Пачваров. По хаосот што настана по неколкуте удари на стихијата, многумина останаа под урнатините, а некои од нас успеаја да истрчаат на улица. По првите три силни удари и по слегнувањето на правта што се крена, имаше починати на самото место во објектите, а по некои лица се трагаше, сметајќи дека сѐ уште се живи. Од тој прв удар загина жената на братот на Пачваров, која не можеше да биде спасена.
Наеднаш, проструи глас дека под урнатините во едната од куќите се наоѓа и малечката Кате, едно мило, прекрасно девојче, вистинска убавица, која беше миленичка на маалото. Велеа дека има надеж дека е преживеана и интензивно се расчистуваше теренот за да се дојде до неа.
Во меѓувреме, заминав на неколку места во околината, кои морав да ги видам. На булеварот ЈНА, денешен „Климент Охридски“ се наоѓаше една куќа во која настрадаа најмногу луѓе. Имаше во неа многу загинати, а нејзините темели, на самиот тротоар од улицата, и денес постојат. Таа остана како еден вид проколнато место на кое повеќе никој не градеше, ниту нешто чепкаше на него. Таа е едната од куќите, покрај другите, за која најмногу се зборуваше во Скопје, според трагично настраданите лица. Меѓу загинатите беше и доктор Ивановски, еден од нашите први анестезиолози.
На местото каде што денес се наоѓа Грчкиот конзулат или канцеларија за врски, беше и куќата на познатиот доктор Јаковљевиќ, специјалист за детски болести. Во куќата загина докторот, неговата жена и ќерката. Движејќи се на тој простор, забележав една разурната куќа, чијашто глетка ме потресе. Меѓу урнатите катови, од бетонот беше згмечено едно човечко тело, чијшто преден дел беше под урнатините, а само нозете му висеа надолу. Таа морничава слика никогаш нема да ја заборавам.
Кога се вратив, сѐ уште се трагаше по малата Кате. Безуспешно. По неколку денови девојчето беше извлечено мртво од под урнатините. Секој човечки живот е скапоцен и ненадоместлив, но кога ќе загине дете трагедијата е уште поголема, а тагата и болката бескрајни.
Пишува: Димитар Кецкаровски, пензионер
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.