Во рамки на програмата за Европско културно наследство на фестивалот на дебитантски филм „Киненова“ ќе бидат прикажани филмовите: „Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, „Погледот на Одисеј“ на Тео Ангелопулос.
Филмот „Уставот на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ е дел од програмата Балканска филмска уметност како дел од европското културно наследство, која се прикажува во рамките на „Киненова“. Тој ќе биде прикажан денеска во киното „Фросина“ со почеток во 20 часот.
Станува збор за хрватска комична-драма, филм од 2016 година, во режија на Рајко Грлиќ кој е автор и на сценариото заедно со Анте Томиќ. Улогите ги толкуваат: Nебојша Глоговац, Дејан Аќимовиќ, Ксенија Маринковиќ.
Приказната следи четири ликови кои живеат во иста зграда, но се избегнуваат меѓу себе поради разликите во нивната имотна состојба, сексуални навики, националноста, религијата…Главниот лик Вјекослав Краљ е професор во средно училиште, хомосексуалец и травестит…Тој целиот живот го посветил на хрватската историја и јазик. Но, животот ќе направи Вјекослав и неговиот татко Хрвоје, кој во Втората светска војна бил усташ, да се зближат со Маја, медицинска сестра која живее во подрумот од нивната зграда и нејзиниот сопруг, полицаецот Анте, кој има страв дека ќе падне на испитот за Хрватскиот устав бидејќи е Србин…
По проекцијата на филмот следува панел дискусија на тема: Прифаќање или не на различностите како една од основните европски вредности кои се подлога на филмот „Устав на Република Хрватска“.
– Целта на оваа програма е преку проекции на овие филмови да поттикнеме дебата во однос на темите и прашањата кои истите храбро ги отворааат, а се однесуваат на проблемите што се уште го спречуваат либералниот напредок на регионалните општества, посочи Небојша Јовановиќ, селекторот на програмата.
Тој наведе дека трите филмови, што се избрани да бидат во програмата, прикажуваат силни, длабоки, внатрешни, меѓучовечки конфликти на основа на социјална или општествена поделеност, етничка или сексуална определба, но во исто време поттикнуваат и нудат дијалог како решение.
– Во годината на европското културно наследство, сметам дека не можевме, а да не се присетиме на овие остварувања кои не само што зрачат ретко видена уметничка сензибилност, туку оставаат траен белег во поттикнување и унапредувањето на интракултурниот и меѓукултурниот дијалог како начин за надминување на внатре-општествените, социолошките и меѓунационалните конфликти, нагласи Јовановиќ.
Тој истакна дека Устав на Република Хрватска“, „Пред дождот“ и „Погледот на Одисеј“ отвориле сериозни прашања кои реферираат на општествата каде дејствуваат авторитетите, но низ призма на универзалните човекови вредности.
– Така овие филмови одбележаа една етапа од развојот на балканските општества и силно и храбро, преку моќта на универзалниот филмски јазик отворија актуелни болни теми кои ги инхибрираа локалните општества каде припаѓаат или од каде потекнуваат авторите, но се дел и од поширокиот регионален контекст, заклучи Јовановиќ.
Анте Томиќ, сценаристот на филмот „Устав на Република Хрватска“ денеска на прес конференцијата рече дека со Рајко Грлиќ имале една приказна која подоцна ја развивале и дека токму хомосексуалноста, национализмот, омразата кои се прикажуваат во филмот допреле до гледачите на секаде во светот каде што го гледале филмот.
-Филмот го гледавме заедно со мојата сопруга и нејзина пријателка и тие се расплакаа кога ги гледаа сцените кои маестрално ги одигра Небојша Глоговац, кој е травестит во филмот. Тогаш бев сигурен дека сум успеал да ја раскажам вистински приказната, рече Томиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Три фантастични филмови на Зеки Демиркубуз- enfant terrible на турската кинематографија во кино „Милениум“
-
Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“: Нема поубава работа од тоа да си го одржите личниот, но и колективниот интегритет на високо ниво
-
Репризни проекции на филмовите наградени на „Киненова“
-
Денеска завршува програмата за Европско културно наследство на „Киненова“