| четврток, 6 декември 2018 |

Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“: Нема поубава работа од тоа да си го одржите личниот, но и колективниот интегритет на високо ниво

Третиот Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“ се одржа од 5 до 10 октомври. Неофицијално почна со  проекција на филмот „Исцелител“  на Ѓорче Ставрески, неколку дена пред официјалното отворање на фестивалот со премиера на македонскиот  „Ругање со Христос“ – дебитантски игран филм на режисерот Јани Бојаџи, а ѕвезда на фестивалот беше актерката Аница Добра, која ја доби наградата за особен придонес во светската филмска уметност.

Концептот на фестивалот е да им се даде простор на храбри автори-дебитанти кои се зафатиле со теми кои во некои земји се игнорирани и ставени на страна, а нивните автори третирани како неподобни. За сето ова разговаравме со директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Извесно е дека го имавте најтурбулентното издание на фестивалот. Дали сметате дека успеавте да се справите со предизвикот кој го превземавте на свои плеќи, да бидете организација со висока општествена одговорност, а што го изискуваше општата ситуација на екстремно поларизирано општество и политизирана културна сцена? Општото мислење е дека не подлегнавте на притисоците кои беа се чини притаени, но сепак присутни. Каков е вашиот став од оваа мала временска дистанца?

-Оваа година беше моментот кога се виде на дело дека Киненова е фестивал со став, потпрен на силни столбови од интелекталци со јасен општествен и интелектуален хабитус. Ви благодарам на вашето мислење дека не сме потклекнале. Сепак, ние не се бавевме со тоа дали треба да потклекнеме или не. Ние бевме одлучни да работиме според професионални, етички, интелектуални, естетски стандарди и принципи и дека нема да отстапиме од нив како впрочем и за цело време во текот не нашите кариери. Тоа е невозможно, затоа што тоа не води и мотивира во работата. Се друго е споредно. Нема поубава работа од тоа да си го одржите личниот, но и колективниот интегритет на високо ниво. Јас сметам дека сите во организацијата бевме на завидно ниво на професионализам.
Тоа значи дека бевме и сме решени да застанеме на пат на било каква цензура или обид за цензура. Иако многу често таа е невидлива кај нас поради остсуството на став или автоцензурата кај многу поединци, а тоа ние јасно го почувствувавме во текот на подготовките и на одвивањето на фестивалот. Им благодарам најдлабоко на сите колеги кои ги издржаа машки и на нозе сите исклучително тешки околности околу фестивалот, работејќи непрекидно без разлика на се што се случуваше околу нас.

А што тоа се случуваше? Може ли некои детали околу сите тензии кои постоеја околу премиерата на филмот и воедно отворањето на фестивалот?

-Ова е една долга, долга приказна, богата со детали за еден филм или можеби за некакви мемоари. Но јас, еве сакајќи да ја насликам атмосферата ќе пробам да го направам тоа со еден детал без да ги предизвикувам немирните духови се надевам. Дека фестивалот се случуваше во абнормални услови говори фактот дека јас лично купив билети за да можам јас и специјалната гостинка, Аница Добра да седнеме во гледалиштето на отворањето на фестивалот. Мислам дека е повеќе од доволно.

Колку беше неизвесно одржувањето на фестивалот поради случувањата околу филмот на Јани Бојаџи?

-Околу атмосферата на притисоци, сега можам да кажам дека реално до нас немаше никакви директни притисоци, иако целата јавност ја знае разврската и намерата за цензура на некои институции кои впрочем ја спроведоа во дело. Сепак не успеа. Киненова помогна да се расчистат темните облаци на нарушување на уметниковата слобода како и непотребните општествени тензии. Којзнае колку уште ќе го мачеше нашето општество овој случај и перипетиите околу него да не се случеше директната комуникација помеѓу јавноста и филмот во слободниот простор наречен Киненова. Ете тоа ми е можеби најдраго од се. Тензиите по таа тема завршија како што и бев убеден. Убеден сум дека фестивалот ја одигра улогата која ја превзема уште од самото основање, а особено оваа година, да отвора дијалог по однос на болните теми кои предизвикуваат општествени тензии со цел вистинска комуникација и изнаоѓање на оптимални решенија. Тоа беше една од темите на овогодинешниот фестивал, а и мотивот зошто беше одбран фимот „Ругање со Христос на Јани Бојаџи“. Затоа што знаевме дека овој филм не предизвикува конфликти, туку дијаметрално спротивно, поттикнува дијалог, а со тоа и решенија. Во контекст на оваа тема беше и т.н. проект „Балканската филмска уметност како важно европско културно наследство„ кој го направивме со цел поттикнување и унапредување на меѓукултурниот дијалог како начин за надминување на внатре-општествените, социјалните и меѓунационални конфликти.
Ангажираноста и општетсвената одговорност на Киненова како јавен културен настан е силна концептуална нишка која ќе ја развиваме во наредниот период. Всушност и самиот основен фестивалски концепт го носи тоа во себе. Младите автори, дебитантите, во основа се и најхрабрите, најбунтовните и можеби најангажираните.

Дали сметате дека овој јасен став кој го покажавте, бранејќи ја слободата на уметничко изразување го издвои фестивалот во Македонија и регионот?

-Апсолутно. Не би се споредувале и не би навлегувал сега во детали, но би го истакнувале тој факт секако. Само ќе кажам, воопшто не е случајност што овој според мене значаен македонски филм, кој испиша историја за  македонската кинематографија, имаше премиера токму на Киненова. Автор со став, филм со став и фестивал со став, не знам колку е тоа често во Македонија и колку тоа звучи на случајност.

Како ги доживеаја сите овие околности и атмосфера на цензура вашите сепцијални гости? Беа ли доволно свесни за ова?

-Да, секако. Тие веднаш ја осетија атмосферата, напнатоста кај сите луѓе од нашиот тим и кај режисерот, но и во целата земја и сочувствуваа, но и беа шокирани и жестоко реагираа со силна поддшка за режисерот и за она што ние како фестивал го правевме. Можам слободно сега да кажам дека Киненова се здоби со неброено многу нови пријатели и поддржувачи во последниов период и таа бројка расте од ден во ден. Им блаагодарам во оваа прилика на сите наши гости, на Аница Добра, Симеон Венциславов, Анте Томиќ, но и на многуте европски и светски автори како и филмски професионалци како Разван Радулеску, Горан Марковиќ, Карел Ох, Христос Каракепелис, Јоана Пилиху, Аргирис Гаганис и многу други кои ни изјавуваат директна поддршка.

Колку сметате дека еден вака поставен фестивал, со бескомпромисен став, каков што го покажавте, би бил податлив за домашните и меѓународни институции да го поддржат посилно во иднина?

-Повторно ви благодарам на вашето мислење. Како што кажав, ние продолжуваме да ги браниме професионалните стандарди по кои се водиме, а особено слободата на уметничко изразување. Инаку што би била смислата на нашата работа и делување? Сигурно тоа не е да покажеме на сите во Македонија колку тоа јаки и големи можеме да бидеме и што се можеме да направиме со еден куп на народни пари.
Нашата мисија е друго нешто, посуштинско. Да промениме нешто во стварноста, да отидеме едно скалило погоре кон слободата. Тоа е извор за нашата сила, за нашата мотивација. Слободата не ни е дадена, таа се заслужува.
Јас лично, а сметам и дека целиот тим не се бави со тоа колку и како некој, или некој институција би се поставила или колку би не поддржала. Пред се ние се бавиме со тоа како ние се поставуваме и како делуваме, колку успеваме да делуваме според вистинските вредности. Ние ја имаме обврската да си го зачуваме нашиот простор чист и слободен. Го бараме заслуженото и нашето и нема да отстапиме. Но не мислам однапред да го осудиме општествово и институциите на пропаст. Имаме начини и инструменти како да делуваме и треба да ги искористиме сите можности. Само треба да работиме. Едноставно сметам како и секаде, така и тука има многу поединци со јак демократски капацитет, но треба да отпочнат вистински демократски процеси, кои крајно не зависат од естаблишментот, туку од сите нас.
На крај би сакал да истакнам неколку убави нешта кои во сите овие турбулетни моменти влеваат дополнителна инспирација и доверба во нашите институции. И покрај се, за волја на вистината имаше и такви домашни и странски иснтитуции кои и поединци кои максимално стоеја зад нас и логистички и финансиски и организациски, без да се вмешуваат во начинот на нашата работа или нашите принципи. Тоа се за мене светли примери. Искажувам огромна благодарност до Општина Центар и особено до Градоначалнкот на Општина Центар Саша Богдановиќ кој покажа ретко висока свест, слух и чувство за културата, но особено за групите на граѓани кои имаат посебни потреби и внимание од општеството, поддржувајќи работилници специјално креирани од Киненова и Општина Центар за подобрување на нивните креативни вештини и со тоа помагајќи да овие групи на граѓани го добијат потребното  внимание на општесвото. Редок пример, на кој се надоврзува и Делегацијата на Европската Унија во Македонија. Им благодариме и на најголемиот дел од медиумите за поддршката и коректните објави. Им благодариме од се срце.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top