| четврток, 6 декември 2018 |

Бујар Османи: Сега не е време за избори, туку време да се реши името

 Сега не е време за избори, време е да се реши спорот за името, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во интервју за дневниот весник „Утрински“. Османи смета дека евентуалниот изборен процес ќе ги дефокусира од ангажманот за името, а сега е моментот за негово решавање, и тоа треба да биде приоритет.

– Ние како партија не сме за предвремени парламентарни избори од две причини. Прво, евентуалниот изборен процес ќе нѐ дефокусира од ангажманот за името, а ние сметаме дека сега е моментот за негово решавање и тоа треба да биде приоритет. Другата причина е што не очекуваме промена во изборните резултати. Затоа нема логика да има избори. Пред да се случи мартовскиот договор, кога опозицијата инсистираше на предвремени избори, ние како ДУИ излеговме со став дека може во 2014 година, заедно со претседателските да има и предвремени парламентарни избори. Но сега, нема потреба да има предвремени избори ниту во 2014 година. ДУИ нема мнозинство во парламентот за да спречи ваква одлука. Ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изгласаат предвремени избори, ДУИ нема да поддржи таква одлука. Сега не е време за избори, време е да се реши името – вели Османи.

Во однос на несогласувањата меѓу коалициските партнери во Владата, Османи вели дека ДУИ има многу моменти на незадоволство од тоа како функционира Владата, но тоа не било ништо ново.

Тоа е прашање на одлука на еден политичар како во јавноста ќе го претстави тоа со што се соочува. И кај нас во ДУИ има многу моменти на незадоволство од тоа како функционира Владата. Меѓутоа, Ахмети тоа не го прави преку медиумите, туку седнува на маса и ги решава сите проблеми. Тоа не е ништо ново – од 2008 година имало повеќе моменти на несогласување. Но, прашање на избор на лидерите е како ќе се соочат со тие проблеми. Принципот на Ахмети е за сите прашања да се разговара и да се најде решение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top