| четврток, 6 декември 2018 |

Алфа: ОЈО се премисли, нема вина кај Симоновски, советникот во МВР осомничен дека предупредувал за ПИ мерки


Јавното обвинителство се премисли, нема обвинение за Драган Симоновски државен советник во кабинетот на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој беше уапсен во март годинава под сомнеж дека издал државна тајна. Од обвинителството ја потврдија информацијата на Алфа дека Симоновски е ослободен од кривичен прогон.
-Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје спроведе детална предистражна постапка во предметот за кој покажувате интерес. Јавниот обвинител минатата недела донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, со оглед на тоа што од обезбедените вербални и материјални докази во рамки на предистражната постапка, не се потврдија основите на сомнение за сторено кривично дело. Основа за проверка беа приложените докази кон кривичната пријава, сите проверки беа направени и тие основи од кривично – правен аспект не се потврдија. Донесеното решение се уште не е правосилно – се вели во одговорот од ОЈО за Алфа.
Драган Симоновски беше осомничен дека оддал службена тајна, односно на осомничена во случај што го водела полицијата и кажал дека нејзините активности се следат и нејзиниот телефон е под посебни истражни мерки. Обвинителството тогаш од судот побара и мерки на претпазливост за Симоновски и му беше одредена мерка за забрана на напуштање на местото на живеење. Што се случило во меѓувреме и зошто обвинителството и полицијата кои пред неколку месеци беа убедени во вината на тогаш државниот советник, сега се повлекуваат од негов кривичен прогон нема одговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top