| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителство ќе проверува дали е запоставувано детето во станот со пелени

Основното јавно обвинителство Скопје ќе утврдува дали родителите го запоставиле детето кое живее со бабата во станот во „Скопјанка”, кој што беше полн со употребени пелени.

Обвинителството оформило предмет по допрен глас откако во средата вечерта беа евакуирани станарите од зградата поради миризба по што беше утврдено дека јакиот мирис е од станот во кој биле насобрани искористени пелени.

-Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас во врска со настанот што се случи на 19.09.2018 година, кога по дојава на жители од зграда во скопската населба Аеродром, во стан во истата зграда беше откриено дека семејство со едно малолетно дете живее во исклучително лоши хигиенски услови. Предметот е оформен во насока на проверка дали детето коешто живее во станот со неговата баба е запоставено од неговите родители- информираат од Обвинителството.

ОЈО издаде наредба до СВР Скопје да ги направи сите неопходни проверки со родителите на детето. Од Центарот за социјални работи на Град Скопје побарале да формира стручен тим, кој ќе изготви детален извештај за семејството во кое живее детето. Тимот ќе треба да провери дали семејството до сега било пријавувано во Центарот, дали било интервенирано од нивна страна и дали има пропусти во грижата на родителите за развојот на детето. По направените проверки и обезбедените докази ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top