| четврток, 6 декември 2018 |

Германската Влада им нуди на сопственици на дизел возила две опции

Коалициските партнери во германската Влада се согласни на сопствениците на постари дизел возила да им понудат две опции за решавање на големиот проблем, јавуваат германски медиуми.

Тие се договориле во градовите каде воздухот е особено загаден, да дадат можност да бираат меѓу субвенции за купување по системот „старо-за-ново“ и надоградба на хардвер за контрола на емисиите на штетни гасови.

По маратонските разговори ноќеска, канцеларката Ангела Меркел и лидерите на нејзините коалициски партнери објавија денеска дека се договориле за начинот за намалување на загадувањето во градовите со избегнување на непопуларната мерка за забрана за возење.

Во договорот во кој имале увид медиуми, германските производители на автомобили биле согласни да понудат програма „старо-за-ново“ со атрактивни субвенции или попусти за сопственици на дизел возила со стандардните Еуро 4 и Еуро 5.

Ако сопствениците на модел со Еуро 5 сакаат да надградат хардвер со систем за селектиква каталитичка редукција и ако е достапен, Владата очекува производителите да ги преземат на себе тие трошоци, се наведува во документот.

Трошоците за надградба на хардверот со таков систем кај доставни возила и трговски комбиња владата ќе го субвенционира до 80 отсто.

Во Германија има 3,1 милиони автомобили со Еуро 4 стандард и 5,7 милиони со Еуро 5 дизел возила, од вкупно 46,5 милиони автомобили на германските патишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top