| четврток, 6 декември 2018 |

„Кино училница“ – серија едукативни филмски работилници за деца

Здружението за филмска уметност Центар за филм Битола во соработка со неколку Центри за култура организира серија филмски работилници за деца и тинејџери. Работилниците почнуваат од утре во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Општина Свети Николе каде ќе се одржи работилница за основи на филмска режија под менторство на режисерот Саша Станишиќ. На работилницата децата ќе имаат можност да се запознаат со основите поими на филмскиот јазик, и сите фази на создавање на еден филм на разбирлив начин. Филмот е универзален визуелен јазик на денешното време, со кој се соочуваме секојдневно и познавањата на филмскиот јазик се едни од главните елементи на визуелната писменост.

Проектот „Кино училница“ вклучува уште две работилници и обуки на децата за запознавање со филмската уметност како дел од училишните и вонучилишните активности. Професорот по анимација Крсте Господиновски ќе ги воведе децата од 6 до 12 години во рајните на стоп анимацијата. Децата ќе работат со техниката стоп снимација, при што од колажни картони ќе создаваат фигури кои ќе ги раздвижуваат кадар по кадар.
Филмскиот фотограф Коста Дупчинов, пак, ќе одржи работилница за филмска фотографија. Во рамките на работилницата децата ќе научат што значи филмска фотографија, да држат во раката апарат и дури и да сликаат, ќе научат што е објектив, светло, кадар, композиција и ќе си играат буквално со кадарот. Ќе им биде прикажана и најсовремена опрема како HD камера.

Сметаме дека ова е важна иницијатива за развој на публика. Филмската едукација почнува кај најмладите со цел да ги инспирира и да ги обучи да продолжат да учат за филмот.

Проектот „Кино училница“ е поддржан од Министерството за култура на Р.М. во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top