| четврток, 6 декември 2018 |

Уникатна вечер со филмска оскаровска музика во МОБ

“It’s a Film” е насловот на  концертот со прекрасна филмска музика, што за првпат ќе се одржи во Скопје на 7ми октомври, во Македонска опера и балет. На ексклузивната филмска вечер ќе бидат изведени 15 музички теми од познати филмови, добитници на најпрестижната филмска награда, Оскар и теми од сензибилниот екстравагантен Боливуд.

Темите ќе бидат во изведба на Гудачкиот камерен оркестар Арко, под диригентство на Ерхан Шукри. Програмата е составен од музика напишана од перото на оскаровците, Џон Вилијамс, Ханс Зимер, Мишел Легранд, Енио Мориконе, Мајкл Џиакино, Нино Рота, Хенри Манчини. Дел од филмските музички теми кои ќе прозвучат на концертната вечер се „Мемоарите на една Гејша“, „ЛаЛаЛенд“, „Синема Парадизо“, „Авантурите на Шерлок Холмс“, „Ловец на елени“, „Легенда за есента“, „Милионер“, „Ѕвездени патеки“, „Баџирао Мастани“.

Концертот ќе изобилува со прекрасни визуелни ефекти, балет, театар, танц, а како ексклузивни гости ќе настапат, Саи Шраванам на табла, дел од оскаровската екипа на филмот „Животот на Пи“ и Анџана Раџагопалан, сопран, од Индија, атрактивната Соња Калајиќ на виолина и пила од Белград.

Дел од гостите кои ќе настапуваат се и нашиот а светски познат гитарист Дарко Багевски, кој после многу години настапува во Скопје, пијанистот Дино Имери, сопранистката Полина Тасева.

Вечерта на филмските музички теми ќе биде збогатена со примеси на театар, пантомима и балет преку учеството на Игор Ангелов, Балетскиот оддел од ДМБУЦ Илија Николовски-Луј и Мандолинскиот оркестар Скопје.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top