Под наслов „Гротеска“, на 26 јануари во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија приредува несекојдневен музички настан. Под диригентската палка на неповторливиот Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе изведе две мошне атрактивни дела кои прв пат ќе прозвучат на македонската музичка сцена.
Станува збор за оркестарската свита „Гогољ“, како и за оркестарската свита „Зајадливец“ од руските музички мајстори Алфред Шнитке и Дмитриј Шостакович. Музиката на руско-германскиот композитор Алфред Шнитке (1934-1998) зрачи со тензија. Тој умее да пренесе чувство на конфликт и интрига, а токму тоа е карактеристично во оркестарската свита „Гогољ“ која се обидува да го наслика големиот руски писател и која уште на самата премиера поминала со голем успех. Всушност, музиката на Шнитке критиката ја опишува како најдоброто портретирање на делата на Гогољ.
Оркестарската свита „Зајадливец“ пак, од рускиот композитор Дмитриј Шостакович, е создадена за рускиот истоимен филм (1955) базиран врз новелата на англиската писателка и музичарка Етел Лилијан Војнич, а во режија на Александар Фаинцимер. Инспириран од „Медитација“ од операта „Таис“ на Жил Масне, ставот „Романса“ носи прекрасна, елегантна и мирна мелодија во соло виолината и тој е, всушност, најпознат за пошироката јавност, бидејќи е искористен во неколку ТВ-шоу емисии. Шостакович со право го нарекуваат рускиот Џон Вилијамс, затоа што помеѓу 1929 и 1970 година создал повеќе од 30 дела за разновидни филмски остварувања, меѓу кои и музиката за „Зајадливец“, која се сметала за најголем хит. Филмот постигнал огромна популарност во поранешен СССР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Авангардни патишта“ – концерт на Дејв Вилсон и Ричард Валитуто
-
Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија
-
Овој четврток: Врвниот тромбонист Џозеф Алези со Македонската филхармонија на симфонискиот концерт „Руска игра“
-
Бетовеновата „Деветта“ утре во Македонска филхармонија под диригентската палка на Густав Кун