Брајан Фери (72), британската поп икона, на синоќешниот концерт целосно ја маѓепса публиката во салата на Македонската филхармонија. Господин Фери ни ги распосла своите атрибути: музичко-сценската елеганција, свиленкастиот глас на кој едноставно годините не му можат ништо, но и сценска изведба, светлосни ефекти…покажа како изгледа концерт на една вистинска ѕвезда. Оваа ѕвезда на 26 септември ќе наполни 73 години, но сеуште плени со изгледот, стилската отменост и емоцијата во неговата музика…Едноставно шармерите никогаш не стареат.
Галантната појава не остави никого рамнодушен во салата. Елегантен, суптилен, како и неговиот глас, Фери излезе на сцената точно во 21 часот и со “Slave to Love“ го започна незаборавното музичко патување. Со својот изглед, стилската оригиналност, софистицираните текстови и музиката базирана на носталгија кон старата рокенрол ера од педесеттите години остави впечаток на вистински господин на сцената.
Брајан Фери се прослави како вокал на групата „Рокси мјузик“ (Roxy Music) на почетокот на седумдесетите, а соло кариерата почна да ја гради паралелно со првиот самостоен албум “These Foolish Things“ објавен во 1973 година. Студирал уметност на Универзитетот во Њукасл, работел извесен период како професор, но смета дека тоа е најлошата работа со која некогаш се занимавал. Сепак, тој е вистински љубител на уметноста и колекционер на британската уметност од почетокот на 20. век. Во Лондон во 2010 приредил изложба на петнаесеттина дела од својата збирка меѓу кои се застапени Огастас Џон, Ванеса Бел, Данкан Грант, Кристофер Невисон…
Британската музичка легенда не е прв пат во Македонија. Претходно има настапувано во Охрид, но и овојпат и имаше неверојатен „live“ настап. Со неговата музика полека ја заведуваше публиката, а неговите елегантни чекори на сцената и нишањето со колковите ја тераа публиката да го следи во чекор. Неколку пати седна зад клавијатурите, а репертоарот кој синоќа беше изведен на сцената на Македонската филхармонија, укажуваше на тоа дека публиката одлично реагира на неговите соло изведби. Затоа пак „Avalon“, „Let’s Stick Together“ и „Jealous Guy“ сите буквално ги крена на нозе и пееја во еден глас со него.
-Од господин Фери не очекувавме ништо помалку, беа коментарите по концертот.
Иако можеби препознатлив Брајан Фери испорача квалитетна константа во настапот при што не дозволи да ни опадне концентрацијата, неколку пати отсвири на усна хармоника и свиркаше со уста на „Jealous Guy“.
-Ми звучеше во живо исто како и кога сум ги слушала на „Јутјуб“. Неверојатна изведба, секоја чест коментираше една девојка од публиката.
Да не ги заборавиме и членовите на бендот кои заедно со клавијатурите и виола го сочинуваат две одлични придружни вокалистки и особено да се истакне саксофонот кој мазно и незабележливо лизгаше и ги заокружуваше аранжманите на песните.
Салата на Македонската филхармонија синоќа ја исполни задоволна публика. И млади и стари танцуваа на музиката на Фери, а меѓу присутните имаше и претставници на политичкиот живот на земјава, од културата, естрадата…
-Благодарам, Скопје, благодарам Македонија, рече Фери и ја поздрави публиката која со овации, стоејќи до еден на нозе го испрати уметникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.