Маестро Хворостовски, за чиј глас светската критика вели дека „мириса на луксуз“, вечерва ќе го разгори фестивалскиот оган од Античкиот театар, заедно со оркестарот и хорот на Македонската опера и балет, под диригентската палка на Константин Орбелиан.
Два дена по свеченото орварање, на 14 јули ќе настапи дуото Корољов, Евгени Корољов и Љупка Хаџи – Георгиева, кои по долги години пауза ќе имаат целовечерен концерт. На 17 јули концерт ќе има светски познатиот виолончелист Антонио Менезес, а музичката програма на „Охридско лето 2013“ ќе биде затворена на 19 август со атрактивен концерт на неверојатниот виолинист Немања Радуловиќ во придружба на виолинистката Сузан Маноф.
Низ годинешното 53. издание на „Охридско лето“ ќе продефилираат повеќе од 840 уметници од Русија, Словенија, Германија, Италија, Турција, Бразил, Полска, Хрватска, Литванија, Унгарија, Канада, Албанија, Шведска, САД, Украина, Ерменија, Франција, Велика Британија, Кина, Аргентина, Србија, од кои голем дел првпат доаѓаат во Македонија.
Во рамки на нашата најголема музичко-сценска манифестација, 40-те фестивалски дена Охрид ќе живее со уметноста, од петок ќе блеснат сцените на Атичкиот театар, „Св. Софија“, нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев”, но и предворјата на хотелот „Палас“ и на ОУ „Климент Охридски“.
На годинешното „Охридско лето“ посебно се истакнува настапот на светската атракција, гудачкиот квартет „Бонд“ со целовечерниот гала-концерт што ќе се одржи на сцената на Античкиот театар на 27 јули.
Кога станува збор за театарскиот дел од програмата на фестивалот, таа ќе биде исклучително богата, со 11 театарски претстави, од кои речиси половината премиерни изведби.
Претставите „Мизантроп“ од Молиер во изведба на Турскиот театар од Скопје, „Спортска претстава“ според текст на нобеловката Елфрида Јелинек во изведба на „Џаст а маст“ театарот од Лондон, како и „Браќа Карамазови“ на Достоевски во изведба на Дубровачкиот театар „Марин Држиќ“, се само дел од годинешната театарска понуда, за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид.
Драмската програма на 53. издание на „Охридско лето“ во 2013 година по многу нешта е уникатна и потполно различна од досегашните изданија на фестивалот. Главниот акцент се премиерните изведби на претстави создадени од домашни и странски режисерски имиња според автори кои ја продолжуваат традицијата на класичната драматургија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“


