Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, на неговата страница на „Фејбук“ објави дека е згрозен од, како што напиша, вовлекувањето на неговото семејство со очигледни политички мотиви во време на историска одлука во врска со веста за доделувањето стипендија на неговата ќерка.
„Пред сè, сакам јавно да ѝ се извинам на ќерка ми за грозните пораки што ги добила и за јавното изложување што го предизвикала единствено затоа што е одговорна и способна. Затоа што успеа да се запише на еден од најдобрите универзитети во светот. Гордост моја! Ударите за мојот политички ангажман упатете ги кон мене“, напиша Димитров.
Министерот за надворешни работи напиша дека стипендија добиле сите студенти кои се запишале на еден од првите 100 универзитети рангирани на Шангајската листа и во област наведена во повикот, без селекција и исклучок.
„Програмата е воведена од претходната влада. Во 2017 немало ниту доволно кандидати. Со други зборови, никој не одлучувал дали ќерка ми или некој друг кандидат ќе добие стипендија. Сите кои ги исполниле условите добиле стипендија. Јавно повикувам да се објават имињата на сите студенти кои добиле ваква стипендија во изминатите години, од воведувањето на програмата. Згрозен сум од вовлекувањето на моето семејство со очигледни политички мотиви во време кога не’ чека историска одлука“, напиша Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.