Во старото градско јадро на Скопската чаршија на 7 и 8 септември (петок и сабота) ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел е веќе неколку години преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети, чаршијата да заживее во духот на традицијата како културен и духовен споменик на градот и да се врати духот на занаетите, барем на оние што останале до денес.
„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација што годинава се одржува по 12 пат и има за цел да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини, но и да даде придонес кон континуираните активности на Градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје во Старата скопска чаршија.
Програмата на манифестацијата и годинава ќе биде богата.
На 7 септември (петок) во 18 часот ќе се одржи настанот „Книжарницата во чаршијата“ во чии рамки е предвидена литературна среба со наслов „Тропам на вратата на писателот“.
Во 19 часот на платото пред Штуловиот универзитет со концерт на класична гитара ќе настапи „Дуо Бојкоски“, а во 20 часот е концертот на Емин Сали и на извонредниот вокал Доника Домазети, која со многу љубов и виртуозност изведува албанската староградска музика во латино, џез и свинг ритам.
Во 21 часот на плоштадот Скендербег концерт ќе одржат „Оксиџен бенд“, како и музичките уметници Линдита Хакај (мецоспоран), Рина и Саранда, и Неџат и Ваљон Сума.
Вториот ден, 8 септември (сабота) во 21 часот на плоштадот Скендербег диџеј сет ќе има диџеј Гамблеманиа, а ќе настапат и Џурим Дема, Фатјон Мифтари и Ардиан Бакали, Албан Скендерај, Гето Геаси-Маршал Џангл.
Директорката на Културно информативниот центар, Сермине Пурини, посочува дека фестивалот, кој е дестинација на квалитетна забава и ги почитува обичаите и духот на Старата скопска чаршија, е првиот чекор што Град Скопје го направи во 2006 година како иницијатива за заживување на чаршијата. Изменетото работно време и забраната за движење на возила по улиците на чаршијата, пак, придонесоа таа да стане најфереквентното место во градот во кое доаѓаат да се забавуваат граѓани од сите националности.
Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.
– Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата – најавуваат организаторите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.