Четиринаесет млади македонски дизајнери изработија прототипови на современ мебел на работилница што ја организираше „Јавна соба“ во соработка со фабриката за мебел „Фејдом“ и со поддршка на холандската амбасада во Македонија и Министерството за култура.
Ментори на проектот беа Филимена Радоњин од Македонија и Питер ван дер Веин од Холандија.
Целта на работилницата е да се добијат уникатни парчиња мебел, а изработените прототипови да бидат понудени во домашната индустрија и потоа како македонски брендови да се пласираат на странските пазари. Изработените парчиња мебел ќе бидат презентирани на „Недела на дизајн“, која ќе се одржи од 1 до 6 октомври во Скопје, каде што меѓународно жири ќе одбере три најдобри решенија кои ќе им бидат понудени на производителите за откуп и сериско производство.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија, Мариет Шурман, денеска во „Фејдом“ го видоа процесот на создавање прототипови на парчиња мебел и заклучија дека Македонија поседува извонреден креативен потенцијал кој треба да се поттикнува и развива.
-Нивните прототипи би можеле да се продаваат, да се откупи идејата која може да влезе во производство. Тоа е многу значајно бидејќи овде видовме одлични идеи на македонските уметници. Ова е особено важно за нив бидејќи тие понатаму би можеле да се развијат во успешни дизајнери чии производи ќе се пласираат и на странските пазари. Македонија има многу креативци и Министерството за култура и понатаму ќе продолжи да ја поттикнува нивната работа – рече министерката Канческа-Милевска.
Амбасадорката Шурман посочи дека во нејзината земја креативните дизајни се меѓу првите десет извозни сектори и очекува и Македонија да се стекне со такво искуство бидејќи навистина има потенцијал.
– Задоволна сум од резултатот на проектот што го реализираше „Јавна соба“ и прототиповите на 14 млади дизајнери кои имав можност да ги видам и се надевам дека ова ќе биде само првиот чекор и дека набргу во продавниците во Холандија и низ Европа ќе можеме да видиме производи со етикета: „Made in Macedonia“ – подвлече Шурман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.