| четврток, 6 декември 2018 |

Одложена прес-конференцијата на Дмитри Хворостовски на „Охридско лето“

Организаторите на најмасовната културна манифестација во земјава, „Охридско лето“, денеска соопштија дека најавената прес-конференција со оперската ѕвезда Дмитри Хворостовски, кој утревечер ќе настапи во Античкиот театар во Охрид, е одложена, а подоцна ќе ги соопштат местото и времето на одржувањето на следната.

Инаку, организаторите најавија голем спектакл за отворањето на фестивалот. Дмитри Хворостовски треба да има проба во Античкиот театар, додека генералната проба ќе биде на денот на концертот, на 12 јули. Оркестарот на Македонската опера и балет ќе настапи под диригентската палка на светски познатиот диригент Константин Орбелијан, кој пристигна во Скопје на 8 јули. На 9 и 10 јули имаше неколку проби со оркестарот во Скопје. Во неколку нумери од програмата свој настап ќе има и хорот на Македонската опера и балет.

– На сцената на Антички театар ќе проследите незаборавен настап на најголемата оперска ѕвезда Дмитри Хворостовски. Убедена сум дека овој концерт ќе ѝ донесе на публиката едно неповторливо доживување, а ние ќе запишеме уште едно големо име од светската елитна сцена во богатата фестивалска историја – вели директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.

– За него и најстрогите критичари велат дека е врвот на самиот врв. Секој негов настап е проследен со многу позитивни коментари и критики. На свеченото отворање на „Охридско лето“ ќе настапува заедно со светски познатиот диригент и негов личен пријател Константин Орбелијан и оркестарот на Македонската опера и балет – оценува селекторката на музичкиот дел од фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top