На денешната трета расправа од судењето по обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок на Република Македонија, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски кој е еден од 33-цата обвинети посочи дека се неточни наводите на Основното јавно обвинителство според кое целта на претпоставената организирана акција за упад во Собранието била „спречување на изборот на Талат Џафери за Претседател на Собранието на РМ“.
Мукоски посочи дека ова е неточно, односно дека ниту тој, ниту некој друг пратеник имал вакво дејство, поради што основното тврдење во обвинителниот акт, околу крајната цел на наводно организираниот упад во Собранието – е неточно.
Тој додаде и дека не постоела никаква меѓусебна порзаност и комуникација помеѓу него и претставници на другите групи од обвинението, во какви што Обвинителството ги подели обвинетите – маскирани и немаскирани лица кои извршиле наводно насилство, лица од МВР, пратеници и иницијатори на собирите на Граѓанската иницијатива за Заедничка Македонија.
Според Основното јавно обвинителство, на 27-ми април овие четири групи извршиле планиран и организиран упад во Собранието, а во првите три заседанија на судот во овој предмет, сите адвокати на одбраната жестоко и аргументирано ги нападнаа претпоставките на ОЈО кои не се базирани ниту на факти, ниту на докази.
Мукоски додаде и дека не постоеле никакви наредби за извршување на конкретно дело, што е уште еден доказ дека обвинувањата во самиот обвнителен акт се неосновани.
-Ниту едно дејство што сме го направиле не сме го направиле со умисла, а не дај боже таа умисла да биде да го загрозиме уставниот поредок и да повредиме некого…Поради тешката квалификација и срамот и флеката со која сакаат да нè оцрнат, имам голема желба да докажеме која е вистината. Ќе докажеме дека сме чесни граѓани, рече Мукоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.