„Телесниот срам е веќе политичка револуција“, тврдеше белградскиот филмски критичар Богдан Тирнаниќ (1942-2009) на фонот на раните трудови на Карл Маркс и Фридрих Енгелс. Треба да му се верува, бидејќи и самиот беше учесник во „липањските гибања“ (јунските протести) на белградските улици и Црвениот универзитет Карл Маркс, револуционерната шеесетосмашка школа во просториите и дворот на Филозофскиот факултет.
Во еден од тие десет јунски денови што го потресоа Студентскиот град во Белград, младиот скопјанец Мартин Панчевски, студент на отсекот за организација на филм и театар на Филмската академија, добил задача да растури неколку примероци од Црвениот студент (специјалното издание на гласилото на белградските студенти) во работничката населба Раковица. Бил уапсен од полицијата, не бил физички малтретиран, но минал една ноќ во притворска ќелија заедно со неколку џебџии и проститутки. Само тој имал нешто пари в џеб, па следното утро ги замолил чуварите да купат бурек и јогурт за него и случајните состанари од ќелијата. Добиле бурек и јогурт. Истиот ден бил пуштен од притвор, потоа ја завршил Академијата, бил шеф на архивот во Кинотеката на Македонија, директор на Заводот за научно-наставен филм, професор и директор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а денес пензионер…
Неколку месеци, пак, по неуспешниот обид за воведување „повеќе социјализам по глава на жител“, Тирке со режисерот Желимир Жилник (кој веќе го измонтирал 10-минутниот документарец ЛИПАЊСКА ГИБАЊА) есента 1968 година отишол по војводинските калливи полиња, па по сценариото на Бранко Вучиќевиќ и со учество на Миља Вујановиќ, Марко Николиќ, Чедомир Радовиќ, а и Богдан Тирнаниќ го снимиле РАНИ ДЕЛА (РАНИ РАДОВИ).
Отворената алузија на споменатите рани дела на Маркс и Енгелс не поминала незабележано на фестивалот во нивната родена земја, па филмот на Жилник во јуни наредната, 1969 година, ја добил Златната мечка на Берлиналето (тогаш фестивалот се одржувал во Западен Берлин, в лето)! Дома, во СФРЈ, филмот е (полу)забранет за прикажување, па Жилник како дипломиран правник на „привремена работа во кинематографијата“, која се одолжи до ден-денес, сам го бранел РАНИ ДЕЛА по судовите. И го одбранил!
Меѓу ретките филмови од ексјугословенската кинематографија на шеесетосмашката тема спаѓа КАКО СУМ СИСТЕМАТСКИ УНИШТЕН ОД ИДИОТИ (КАКО САМ СИСТЕМАТСКИ УНИШТЕН ОД ИДИОТА, 1983 г.) на Слободан Шијан, со неповторливот Данило Бата Стојковиќ во улогата на остарениот анархист и идеалист, кој се наоѓа во вителот на белградските студетски демонстрации во јуни 1968 година. Во тој мал корпус спаѓа и Горан Паскаљевиќ – инаку, студент на Прашката филмска школа, со ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’68-МО (ВАРЉИВО ЛЕТО 68-МО, 1884 г.), во кој настаните од ’68-ма се во фонот на романтичната приказна за одраснувањето.
Што и зошто се случило пролетта и летото во 1968 година? Бурните протести на младите и младите, од САД, преку Париз и Берлин, до Прага и Белград, колку што ја носат идејата за револуционерна промена на светот како подобро место за живеење, толку и се тотално различни во локалната инспирација. Протестите во САД се против учеството во војната во Виетнам, во Париз се бара културна рееволуција по примерот на Кина предводена од Мао Цедунг, младите во Германија за првпат ги прашуваат родителите колку и како учествувале во нацистичката димензија на земјата, Чехословаците започнуваат национален бунт против догматскиот комунизам предводен од СССР, студентите во Белград се незадоволни од растот на црвената буржоазија и бараат поправеден комунизам… И, да, во поголемиот дел од овие бунтови забележлива е револуцијата за сексуалните слободи и половата рамноправност.
Како може да се суди за ’68 половина век подоцна? Сведоци сме на воени интервенции низ светот како никогаш порано, сексот одамна стана индустриска гранка, економските поделби во општествата на разни меридијани се никогаш поголеми.
Стојан Синадинов
Филмовите во следните четири вечери се само дел од таа бунтовна атмосфера во 1968 година.
17 септември (понеделник) 20:00 ч.
СЛУЧАЈ ЗА НЕИСКУСНИОТ ЏЕЛАТ
(Prípad pro zacínajícího kata/Case for a Rookie Hangman)
Игран филм, Чехословачка
1970 г., 102 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Павел Јурачек (Pavel Jurácek)
Сценарио: Павел Јурачек (Pavel Jurácek), според новелата на Џонатан Свифт (Jonathan Swift)
Улоги: Лубомир Костелка, Клара Јернекова, Милена Захриновска (Lubomír Kostelka, Klára Jerneková, Milena Zahrynowská)
Филмот СЛУЧАЈ ЗА НЕИСКУСНИОТ ЏЕЛАТ на Јурачек е дел од чешкиот нов бран и жанровски може да биде дефиниран како надреална и апсурдна сатира на чехословачкото соцреалистичко општество од крајот на шеесеттите години на минатиот век. Јурачек со слободната (ре)интерпретација на романот Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт (Gulliver’s Travels, Jonathan Swift), но и под силно влијание на делата на писателот Франц Кафка (Franz Kafka), како и романот Алиса во земјата на чудата на Луис Керол (Alice’s Adventures in Wonderland, Lewis Carroll), веднаш добил забрана за прикажување на неговиот филм, а потоа не снимил ниту еден филм.
Главниот лик Лемуел Гуливер (Лубомир Костелка) патува со автомобил низ непозната земја, доживува сообраќајна несреќа, па неговата авантура низ чудните предели ја продолжува пеш. По пат среќава исто толку чудни луѓе, или, поправо, суштества, како мртвиот зајак Оскар облечен како човек, од кого го зема часовникот. Наидува на полуразрушена куќа која му ги враќа болните спомени за љубеното девојче Маркета (Клара Јернекова) од детството, кое во меѓувреме се удавило.
Гуливер пристигнува во земјата наречена Балнибарби, кадешто владејат чудни закони и правила, и тоа токму на денот кога на жителите им е наредено да молчат, а потоа е подвргнат на мачни сослушувања, без шанси да докаже дека тој не е зајакот Оскар, чиј часовник го наоѓаат во неговиот џеб…
18 септември (вторник) 20:00 ч.
АГРЕСИЈАТА
(Агресията, Aggression)
Документарен филм, Бугарија
2015 г., 101 мин., колор, ДСП
Режија: Ана Петкова (Анна Петкова)
Сценарио: Калина Андролова, Ана Петкова (Калина Андролова, Анна Петкова)
Темата на документарецот „Агресијата“ е однесувањето на дел од бугарските граѓани во периодот на загушувањето на Прашката пролет со инвазијата на трупите на Варшавскиот пакт во август 1968 година.
На 29 октомври тројца студенти од Универзитетот во Софија се уапсени. Станува збор за Едвард Генов, Александар Димитров и Валентин Радев, слободоумни момчиња кои не прифатиле да живеат со лагите на пропагандната машинерија, туку отворено говорат за вистината на Прашката пролет. Филмот АГРЕСИЈАТА го поставува прашањето дали шеесетиосмата година се случила и во Бугарија? Продуцентката на филмот Галина Тонева вели дека е смирувачки да се види вистината, дури и кога злосторството минало без казна.
Режисерката Ана Петкова ќе биде гостинка на проекцијата на филмот. За неа документарниот филм не е само фактографија, туку поважна е провокацијата за свеста на индивидуалецот кој не сакал да учествува во колективната и тоталитарна политичко-воена машинерија.
19 септември (среда) 20:00 ч.
СОНУВАЧИ
(The Dreamers)
Игран филм, Велика Британија, Италија, Франција, САД
2003 г., 115 мин., колор, 35 мм
Режија: Бернардо Бертолучи (Bernardo Bertolucci)
Сценарио: Жилбер Адер (Gilbert Adair)
Улоги: Мајкл Пит, Ева Грин, Луис Гарел (Michael Pitt, Eva Green, Louis Garrel)
Американецот Метју (Пит) е на студентска размена во Париз, каде што го учи францускиот јазик. Во париската Кинотека ги среќава младите и слободоумни Тео (Гарел) и Изабел (Грин), брат и сестра, неконформистички настроени припадници на француското високо општество. Родителите на Тео и Изабел заминуваат на подолг одмор, па Метју се преселува во нивниот декадентен апартман. Надвор на улиците се случуваат мајските студентски демонстрации и жестоки судири со полицијата, а во апартманот се развива необичен љубовно-инцестуозен триаголник…
Бертолучи во режисерската постапка од време на време реферира на францускиот нов бран, кој не е само филмска, туку и културолошка супстанца на тој период во Франција, со големо влијание во Европа и САД.
20 септември (четврток) 20:00 ч.
ИЗБОР ОД ФИЛМСКИ НОВОСТИ 1968
Документарни филмови, СФР Југославија
1968 г., 60 мин, црно-бели, 35 мм
Изборот од журналите на Филмски новости (Филмске новости) го опфаќа периодот на турбулентната 1968 година, во кој дефилираат тогашните највисоки политички раководители, предводени од Јосип Броз Тито.
Настаните забележани во Филмски новости ги опфаќаат седниците на републичките и сојузните политички раководства на владејачкиот Сојуз на комунистите, испраќањата и дочеците на Тито во странство, општествените активности, отворањето производни капацитети и туристички кампови, војната во Виетнам, протести против американската воена интервенција во Виетнам и против интервенцијата на трупите на Варшавскиот пакт, предводени од СССР, во Чехословачка, судбината на туристите од таа земја, кои останале заробени во Југославија…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.