| четврток, 6 декември 2018 |

Ревија на современ јужнокорејски филм во Кинотека на Македонија

Корејската амбасада во Бугарија, во соработка со Корејската фондација и Кинотеката на Македонија, Ве покануваат на  промоција на корејската култура преку мини-ревија на три јужнокорејски филма. Свеченото отворање ќе се одржи утревечер, во 19 часот, во Кинотеката на Македонија. Ревијата ќе започне со проекцијата на „Таксист“ (2017 г.) на режисерот Јанг Хун. Во продолжение истата вечер, од 21. 30 часот, ќе биде прикажан и „Кундо: доба на разбојници“ (2014 г.), во режија на Јун Џонг-бин.
Љубителите на јужнокорејските филмови в сабота, во 14 часот, ќе имаат можност да го погледнат и „Госпоѓица бабичка“ на Хванг Донг-хиук.

02 НОЕМВРИ, 19:00 Ч.

ТАКСИСТ

(Taeksi woonjunsa /A Taxi Driver)

Игран филм, Јужна Кореја

2017 г., 137 мин., колор, ДСП

Режија: Јанг Хун (Jang Hun)

Сценарио: Еом Ју-на (Eom Yu-na)

Улоги: Сонг Канг-хо, Томас Кречман, Ју Хае-јин  (Song Kang-ho, Thomas Kretschmann, Yoo Hae-jin)

 

Акционата драма е сместена во мај 1980 година кога еден таксист од Сеул добива понуда која изгледа премногу добро за да биде вистинита, или барем да помине без поголеми проблеми. Понудата е следна: ако превезе еден странец од Сеул до Гванџу и назад пред да започне полицискиот час, ќе му биде исплатена сума доволна да ги плати неколкуте заостанати месечни кирии.

Таксистот, без да се интересира за деталите, прифаќа и во неговиот автомобил е германскиот фоторепортер. Таксистот мотивиран од високата заработувачка по секоја цена се обидува да најде начин да ги заобиколи полициските блокади на Гванџу, каде што се одвиваат масовни анти-владини демонстрации, и успева да влезе во градот. Вознемирен од опасната ситуација, таксистот го побрзува фоторепортерот да се врата назад. Но, фоторепортерот не се обѕрнува на неговите молби, туку започнува да ги фотографира протестите, кои стануваат се подраматични…

 

02 НОЕМВРИ, 21:30 Ч.

КУНДО: ДОБА НА РАЗБОЈНИЦИ

(Kundo: Min-ran-eui si-dae/Kundo: Age of the Rampant)

Игран филм, Јужна Кореја

2014 г., 137 мин., колор, ДСП

Режија: Јун Џонг-бин (Yoon Jong-bin)

Сценарио: Јеон Чеол-Хонг, Јун Џонг-бин (Jeon Cheol-Hong, Yoon Jong-bin)

Улоги: Ха Џунг-ву, Ганг Донг-вон, Ли Сунг-мин (Ha Jung-woo, Gang Dong-won, Lee Sung-min)

 

Сторијата на историската драмска акција е сместена во 19 век, на залезот на ерата на династијата Јосеон, турбулентен период полн со социјални немири. Поради постојаните природни катастрофи и слабите жетви, сиромаштијата, гладот и смртта се раширени. Група борци наречени Кундо се креваат против неправедното и корумпирано благородништво, чиј интерес е постојано збогатување на плеќите на сиромашните.

Борците на Кундо се своевидна азиска варијанта на Робин Худ и длабоко се уверени дека нивната кауза е поважна од нивните животи. Ги напаѓаат корумпираните службеници, им ги одземаат парите и стоката, а потоа ги делат на сиромашните и ранливите групи граѓани. Во таква атмосфера се случува личната драма на Џо Јун, кој е вонбрачен син на богат благородник и слугинка (што во феудална Кореја значело, практично, робинка). Бидејќи неговиот биолошки татко и неговата сопруга немале деца, тие го довеле Јун во нивниот дом на негова десетгодишна возраст, но подоцна маќеата раѓа син.

Борејќи се да го добие татковото признавање како законит син и наследник, Јун добива вистинска прилика кога група крадци го убиваат неговиот полубрат. Бидејќи е вешт мечувалец, Јун решава да ги ограби сиромашните за да стекне поголемо богатство. Но, не застанува на тоа: неговата следна цел за убивање е бремената сопруга на полубратот, чие дете може да му го одземе приматот како наследник…

 

03 НОЕМВРИ, 14:00 Ч.

ГОСПОЃИЦА БАБИЧКА

(Soo-sang-han geun-yeo/Miss Granny)

Игран филм, Јужна Кореја

2014 г., 124 мин., колор, ДСП

Режија: Хванг Донг-хиук (Hwang Dong-hyuk)

Сценарио: Хванг Донг-хиук, Хонг Јун-јеонг (Hwang Dong-hyuk, Hong Yoon-jeong)

Улоги: Шим Еун-киунг, На Мун-хи, Парк Ин-хван (Shim Eun-kyung, Na Moon-hee, Park In-hwan)

 

Сторијата на оваа драмска комедија, која била огромен хит во кино-салите во Јужна Кореја со речиси 9 милиони продадени влезници, говори за неочекуваната трансформација на 74-годишна вдовица. Таа живее со синот и снаата: колку што е горда на професионалните успеси на синот, кој е универзитетски професор по геронтологија – наука за културолошкиот, социјалниот и биолошкиот аспект на стареењето – толку не се сложува со депресивната снаа.

Еден ден нејзината снаа ненадејно колабира, сместена е во болница, и советот на лекарите е да живее одвоено од свекрвата. Синот и соопштува на мајка му дека ќе мора да ја сместат во старечки дом. Таа разочарано шета по улиците и наидува на едно мистериозно фото-студио, во кое тврдат дека можат да ги доловат моментите од младоста. Жената се фотографира, мислејќи дека тоа ќе биде сликата за нејзиниот надгробен споменик, но кога ќе излезе од студиото сфаќа дека е е млада, 20-годишна девојка!

Најпрвин се крие од семејството и го менува името во О Ду-ри (Oh Doo-ri), корејска варијанта на Одри Хепберн (Audrey Hepburn), нејзината омилена глумица. Заплетот допрва започнува, бидејќи Одри му се приклучува на хеви-метал бендот на нејзиниот внук…

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top