| четврток, 6 декември 2018 |

„Брако“ на Кочо Анѓушев за земените 2,5 милиони денари од психијатриската болница: Единствени сме што произведуваме медицинска опрема во земјава!

-Основна дејност на компанијата Брако е производство на жичени и лимено-цевкасти производи, медицински мебел и помагала и телекомуникациската опрема. Брако е единствената домашна компанија што произведува медицинска опрема, работи 15 години и вработува 600 луѓе – соопшти компанијата,откако беше обелоденето дека зела 2,5 милиони денари од психијатриска болница.
-ВМРО ДПМНЕ наместо да се занимава со суштински работи за државата, да ги остави приватните македонски компании да функционираат нормално на пазарот. Ниту сме дел од политиката, ниту ќе бидеме како компанија, а тоа го докажавме изминатите години.

Како специјализирана компанија со модерна и софистицирана опрема токму за овие производи и со интегрирани сертификати, Брако стана лидер во производството на метални, челични жичени и други производи кои се неопходни за индустријата, потрошувачката, медицинскиот и транспортниот сектор.

Во 2009 година Брако воспостави соработка со шведската компанија RoMedic, член на групацијата Handicare. Како резултат на оваа соработка, Брако започна со производство на повеќе медицински помагала за потребите на шведската компанија, што е најдобар доказ за квалитетот на производите на Брако. Оттогаш медицинската програма е суштински дел од производството на Брако и вклучува производство на медицински помагала и мебел.

Специјализираната намена и одличниот квалитетот на изработката од оваа програма, придонесе компанијата и брендот да станат препознатливи на многу пазари како на Балканскиот полуостров така и во Европа. Медицинските установи во земјава од јавното и од приватното здравство, исто така со години се опремуваат со медицински мебел произведен во Брако.

Во законските постапки за Барање за прибирање понуди за медицински мебел спроведени од здравствени институции во земјава учествуваше и Брако и во некои од нив, поради најниската понудена цена, беше и избран за најдобар понудувач. Овие договори беа склучени во јануари 2018 година.

Покрај високиот и стандардизиран квалитет како и ценовната конкурентност на пазарот, Брако се изгради и како компанија што е препознатлива по иновативни решенија, по имплементирање на нови трендови, современите технологии од оваа област и иновирање на постоечкиот начин на менаџирање.
Како специјализирана компанија за производство на жичени и лимено-цевкасти производи, медицинските помагала и производи и телекомуникациската опрема, Брако дури 96% од целосното производство го извезува и тоа во 19 држави, информираа од компанијата на Кочо Анѓушев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top