Екипата за новиот игран филм на Милчо Манчевски насловен „Врба“ два дена снима сцени во Прилепско. Вчера беше во околината на манастирот Трескавец и тоа е првиот од двата дена претснимање сцени за филмот.
Според продуцентот Јане Ќортошев, се снимаат летни сцени за филмот кој официјално ќе почне да се снима во октомври. Вели дека Манчевски во околината на Прилеп и Мариово секогаш наоѓал инспирација.
– Овие два дена правиме претснимање. Моравме да ги извадиме од основното снимање поради летото. Ќе снимаме и на едно поле со жито. Имаме сцена со жетва и битно ни е да ја снимиме сцената. Прво сме на Трескавец, а потоа на поле со жито. Инаку, снимањето на филмот ќе стартува помеѓу 5-ти и 10 октомври. Речиси три недели ќе бидеме во околината на Прилеп, а потоа исто толку време во Скопје. Во секој случај, Прилеп на Милчо Манчески секогаш му бил база од која секогаш наоѓал инспирација: Трескавец, околината на Штавица, Мариово, околу Марковите кули… Актерите се, главно, од Македонија, со мали исклучоци. Станува збор за млади актери, кои, главно, сега ја почнуваат кариерата, рече Ќортошев.
Тој не открива многу за филмот кој има три љубовни приказни. За две од нив ќе се снимаат урбани сцени во Скопје.
– За филмот не би откривал премногу, но е конципиран на два-три дела. Станува збор за љубовни приказни поврзини меѓу себе преку симболот на врбата. Првиот дел од приказната се одвива во мариовските села и во нивната околина. За тоа ќе снимаме во Прилеп и во околината. А за втората и за третата приказна ќе снимаме во урбано Скопје, објаснува Ќортошев.
„Врба“ ќе биде шести игран филм на Манчевски, кој од Агенцијата за филм на Република Македонија е поддржан со 1,2 милиони евра. Во продукција е на „Сектор филм“ и продуцентот Владимир Анастасов-Вац.
Македонски филм Манчевски снима по осум години, односно по „Мајки“ од 2010 година. Последниот негов филм „Бикини Мун“ беше американско-германска копродукција без учество на Македонија и снимен во Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура