| четврток, 6 декември 2018 |

Тргнете во војна против сите старлети, спонзоруши, певаљки, тајкуни, бизнисмени

studentiПрофесорката Рајна Драгиќевиќ им се обратила на своите студенти на апсолвентската вечер со говор кој се раширил по социјалните мрежи. Еве го говорот за кој сите зборуваат:

Драги мои студенти, почитувани колеги, идни професори,

На денот кога ја прославивме вашата апсолвентска, одложен е матурскиот испит зашто тестовите кои требаше да се решаваат се појавија во јавноста. Оваа случка е само една од бројните манифестации на уништување на просветниот систем, како и на општествениот систем во сите области.

Гледајќи ве вака насмеани, дотерани, млади и полни енергија, размислував за тоа дали ќе успеете да го задржите тој оптимизам и кога ќе дипломирате, и кога ќе се соочите со ниски плати, неуважување на професорската професија, незаинтересираните ученици, родители кои секогаш се на страна на своите деца (па и да е тоа на нивна штета), различни притисоци и омаловажување.

Многу нешта околу вас ќе ви ја убијат мотивацијата…

Разни неписмени и полуписмени луѓе денес себе лесно се нарекуваат некакви пи-арови или менаџери, необразовани водителки се нарекуваат новинарки, а фолк пејачки – уметници, а за арт директори, бизнис консултанти, велнес консултанти, ивент координатори, продукт дизајнери и да не правиме муабет.

Зад звучни називи на занимања најчесто се кријат фолиранти кои мислат дека углед може да се стекне преку ноќ, се кријат луѓе кои менуваат професии како валкани чорапи. Не заборавајте дека никој не може да се самопрогласи за професор, лекар или судија. Не дозволувајте фалбаџии и самоуверени сопственици на ресторани, разни фирми, приватни авиони, луксузни станови да ви држат предавање за успех, тие се само сопственици на квадратни метри!

Ако себе си се поразите во сопствените очи, тогаш и околината ќе ве гледа со омаловажување…

Сакајте ги своите ученици, запознајте ги со она што го имаат во себе, засилете им го угледот во сопствените очи, и за ништо на светов не подарувајте оцени, но секогаш дајте им шанса да ги поправат. Не им ја убивајте волјата… Учете ги да ја сакаат својата земја. Често може да се чуе како професорите на најдобрите ученици им велат што поскоро да заминат од овде. Ајде да го смениме тоа! Не им дозволувајте да одат и да ја препуштат земјава на ѓубриња! Дајте им животна задача да се борат против калта во која тонеме, всадете им чувство на одговорност и објаснете им дека оваа земја никој не може да ја исчисти, освен тие.

Тргнете во војна против сите старлети, спонзоруши, певаљки, тајкуни, бизнисмени и победете ги. За таа војна имате 45 минути дневно, скоро секој работен ден, а тоа не е малку. Ќе успеете во тоа само ако многу знаете, ако го сакате она што го работите и ако бидете посветени.

Не обрнувајте внимание дека многу од вашите колеги ништо не работат а земаат плата, не обрнувајте внимание на гнилежот околу себе и не му се предавајте!

Вие имате мисија: ако успеете да го вратите авторитетот на училиштата и знаењето, ќе паѓаат сите препреки кон подобар живот. Од час по српски до економски реформи. Од час по српски до борба против корупција! Од час по српски до вселената!

Разликата меѓу вас и разни менаџери, координатори, богати сопственици на локали и експерти за продавање магла е во тоа што во нивните раце се проекти, локали, авиони, а во вашите е иднината на оваа земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top