| четврток, 6 декември 2018 |

Масакр во Валона, момче уби осум роднини со калашников

Дваесет и четиригодишно момче е осомничено за убиството на неговите родинини во масакрот што се случи попладнево во селото Ресулај кај албанскиот град Валона, пренесува „Алсат“.

Како што јавуваат медиумите во Албанија, станува збор за масакр што се случил во семејството Зукај, наводно поради нерасчистени проблеми околу имотот.

Осомничениот Ридван Зукај влегол во куќата на своите баба и дедо вооружен со автоматска пушка калашников и ги застрелал. Заедно со нив убил уште две други лица од семејството на чичко му. Потоа заминал во куќата на другиот чичко, која била само 30-тина метри подалеку. Таму убил уште четири лица, односно чичко му, неговата сопруга и две деца, од кои едното имало 16, а другото 4 години. Шестмина други лица се ранети, а осомничениот е во бегство.

Според очевидци во селото, убиецот немал психички проблеми, но бил корисник на дрога. Полицијата попладнево ги зема на распит неговите родители, а по Ридван Зукај трагаат голем број полициски тимови. Се смета дека е вооружен и опасен по околината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top