| четврток, 6 декември 2018 |

МВР со детали за уште една голема акција: „Го убивме Осама Бин-Ладен“

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во молскавична и енергична акција за борба против тероризмот е убиен Осама Бин-Ладен, најпознатиот светски терорист и првообвинет за уривањето на кулите близначки во Њујорк во 2001 година.

Според МВР, во акцијата учествувале 37 доброобучени професионалци кои синоќа околу 02:40 часот со рафлани истрели кон небото го убиле најпознатиот светски терорист.

„Бидејќи ни тргна во борбата против тероризмот деновиве, решивме да се ангажираме уште повеќе, па за таа цел кај нашите партнери од светот се информиравме за локацијата на Бин-Ладен. Од доверливи и тајни извори ни беше соопштено дека Бин-Ладен е на небото, па не чекавме многу туку веднаш организиравме акција и нешто пред три часот наутро рафално стрелавме кон небото и го убивме озлогласениот терорист“, се вели во соопштението од МВР.

Според информации од МВР, акцијата не била воопшто лесна меѓутоа силната определба на министерот Спасовски во борбата против светскиот тероризам била пресудна за да ги мотивира ангажираните професионалци да му докажат на светот дека имаме ултра-способна полиција раководена од невиден професионалец и миротворец која никогаш не спие туку нон-стоп се бори против светскиот тероризам.

„Тимовите беа распоредени стратешки и пукаа насекаде кон небото, особено во правец на облаците зад кои сметавме дека е можно да се сокрие Бин-Ладен. После 10-тина минути сериозно пукање, полицајците се уморија.. беа на работ да се откажат. Но тогаш министерот Спасовски кој раководеше со акцијата ги мотивираше и им довикна: „Ајде јунаци, пукајте, убијте го терористот за Македонија и пред се Светот да е безбеден“, после што сите смогнаа сили да пукаат уште едно 3-4 минути. Потоа Спасовски лично се увери дека го убивме Бин-Ладен, со тоа што половина час после пукањето довикуваше по него од врвот на зградата од каде што се пукаше – „Осама… каде си Осама? Ладен? Ела излези ако смееш….“ но од Осама Бин-Ладен немаше ни одговор, ни трага, ни глас. Во тој момент министерот заклучи дека акцијата е успешна, дека сигурно сме го убиле Бин-Ладен со што Македонија придонесе уште еднаш со голема акција во борба против светскиот тероризам“, стои уште во соопштението од МВР.

Од таму порачуваат граѓаните да спијат мирно, бидејќи кога тие спијат, МВР не мирува и се бори против најопасните криминалци во светот. За својот ангажман Спасовски соопшти дека очекува оправдано да биде номиниран за нобелова награда за мир.

Ајварка Пиперка

Ајварка Пиперка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top