Кинески безбедносни единици спроведуваат тајни операции во Авганистан, но не е баш јасно што точно прават. Постојат докази дека кинески специјалци во моментов се наоѓаат на истокот на Авганистан, за што е свесен и Пентагон.
„Знаеме дека се таму“, кратко изјавил портпаролот на Пентагон за Милитари тајмс, не сакајќи подетално да ја коментира темата.
Минатата година една индиска новинска агенција објави фотографии од кинески воени возила во Авганистан. И Кабул и Пекинг упорно ги демантираа тврдењата за наводното присуство на кинеските специјалци сѐ до минатиот месец, кога Кина призна дека нејзини оперативци спроведувале антитерористички операции вдолж заедничката граница.
Рен Гуагинаг, портпаролот на Народната армија на Кина, потврди дека вежби имало, но истакна дека „фотографиите на кинески воени возила на авганистанска територија не одговараат на фактите“.
Иако Пекинг упорно ја отфрла приказната за воените активности на територијата на Авганистан, во медиумите се појави непотврден извештај дека кинеските војници спасиле американски специјални единици на таа територија, извештаите најверојатно не се точни, но јасно укажуваат дека зад кинеските активности во тој регион има нешто повеќе отколку што се чини на прв поглед.
Кина им даде десетици милиони долари помош на авганистанските служби за безбедност, а противтерористичките вежби со колегите од Авганистан не биле реткост и во минатото. Кина е загрижена дека нестабилната ситуација во Авганистан може да се прелие на нејзина територија, поточно во автономната област Синкјанг.
Минатата недела, околу 10.000 кинески војници вмарширале во Урумчи, главниот град на Синкјанг. Истиот ден ујгурските милитанти кои се борат на страна на Исламска држава јавно ѝ се заканија на Кина дека ќе течат „реки крв“, поради што кинеските власти најверојатно и го зголемиле военото присуство во регионот. Повлекувањето на западната коалиција од Авганистан и лошата безбедносна ситуација во земјата ја отворија можноста оваа или слични исламистички групи да се кренат, пишува Бизнис инсајдер.
Кина има и комерцијални интереси во од војна разурнатиот регион. Новиот „пат на свилата“, големиот кинески економски проект кој ќе минува низ Централна Азија и Блискиот Исток и најверојатно низ Авганистан.
Кина има мотив за присуство во Авганистан, но сѐ уште не е јасно каков е нејзиниот план. Пекинг во Авганистан можеби има војници, можеби специјалци, можеби од сѐ по малку. Засега, Пекинг мудро ги чува своите планови во тајност.
извор: мкд.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.