| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителство тврди дека Младенов загинал во несреќен случај

Gordana-Geskovska01

Гордана Гешковска, скопски обвинител

Никола Младенов, основачот на дневниот и неделниот весник „Фокус“ загинал во сообраќајна несреќа поради „неадекватно однесување и управување со своето возило“. Ова е конечниот заклучок до кој дошла истрагата за смртта на Младенов, тврдеше на предмалку одржаната прес-конференција, скопската обвинителка Гордана Гешковска, во присутво на државниот обвинител Марко Зврлевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

obvinitelstvo-Mladenov02

Гордана Јанкуловска

Пресот беше закажан, како што беше кажано, да се информира јавноста за сите детали на истрагата. Според Гешковска, Младенов загинал ноќта меѓу 26 и 27 март пред влезот на Скопје на клучката што води накај Хиподром, откако со својот „мерцедес“ возел со брзина од 142 километри на час и удрил во банкината крај патот. Вештаците утврдиле дека откако возилото ја скинало банкината, летало пет метри во воздух, се превртело, го исфрлило Младенов низ предната шофершајбна и паднало на кровот. Телото на Никола Младенов било најдено на седум метри од возилото. Бил мртов на самото место.

Обдукцијата покажала дека причина за смртта била пресечената аорта. Во џебовите му нашле парчиња од шофершајбната, по што заклучиле како бил исфрлен од возилото. Гешковска рече дека сите воздушни перничиња и завеси на „мерцедесот“ се активирале освен она на совозачкото место. Не биле најдени траги на присуство на друг човек во возилото.

1mladenov

Никола Младенов, каде бил кобната вечер?

Несреќата била откриена на 27 март во 12.зо  часот, кога двајца граѓани кои поминувале на тоа место, застанале да видат зошто недостига толкав дел од банкината. Го забележале „мерцедесот“ и веднаш пријавиле во полициската станица Петровец. Според Гешковска, полицијата за само 10 минути стигнала на местото на несреќата, а во 13 часот стигнале истражниот судија и вештаците, што се смета и за старт на истрагата.

Судијата и вештаците бил и вторпат на местото на несреќата, наредниот ден, за да проверат дали трагите од кочење, во близина на несреќата, биле од возилото на Младенов, но се испоставило дека тие траги се од други две сообраќајни незгоди, кои се случиле претходно.

Младенов не кочел пред трагичниот крај.

Необјасниви детали од истрагата

Неколку моменти останаа мистериозни за истрагата на оваа несреќа.

Првата работа, како што потврди Гешковска е дека не е најден мобилниот телефон на Младенов. Вториот момент е што на листата на појдовни и дојдовни повици на Младенов нема никаква комуникација во периодот од 16.05 часот на 26 март до загинувањето. Последен пат разговарал со неговата сопруга Билјана Младенова.

komemoracija-nikola-mladenov-4

Билјана Младенова

Третиот момент е што Младенова, пред истражителите изјавила дека нејзиниот сопруг не и кажал каде оди таа вечер. Следењето на неговиот телефон (со дозвола на Младенова) преку базните станици, не ја открила траекторијата по кој се движел Никола. За истрагата останува непознато каде бил и со кого се видел.

Посебно интересно е што, на новинарско прашање во врска со најдените фискални сметки од платени патарини, кои наводно ги нашол новинарот Томислав Кежаровски од Нова Македонија (моментално во притвор под обвинение дека објавил име на заштитен сведок), Гешковска изјави дека такви сметки не видела. Поточно, дека не се доставени до ниту една надлежна институција. Весникот Нова Македонија, тврдеше дека овие докази, наводно најдени од Кежаровски на местото на несреќата, биле предадени на обвинителството.

– Ќе ги прашате тие од Нова Македонија за фискалните сметки. Ние такви докази не сме добиле – рече Гешковска.

tomislav kezarovski

Томислав Кежаровски

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top