Еден 62-годишен маж, кој во критична состојба беше примен во болница со сериозни изгореници од пожарите во реонот на Атика, денеска им подлегна на повредите.
Со тоа, бројот на загинати од пожарите во Грција се искачи на 87 лица.
По вчерашната прес-конференција на министерот за цивилна заштита на Грција, владиниот портпарол и на началниците на противпожарната служба и полицијата, опозициската Нова демократија упати обвинувања, критики и прашања до Владата.
– На вчерашната владина претстава за отфрлање на каква било одговорност, не се слушна ниту едно „извини“, изјави портпаролката на Нова демократија, Марија Спираки, додавајќи дека никој од инволвираните не бил сменет, а наместо тоа сите изјавувале дека се горди за тоа колку добро ја завршиле нивната работа „во моменти кога уште се броеја мртвите“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Спираки побара од грчката Влада да одговори на седум прашања поврзани со превенцијата и справувањето со пожарите.
– Зошто не постоеле доволен број сили во зафатената област? Зошто граѓаните од населбата Мати не биле навремено евакуирани? Зошто не функционирал бројот 112? Зошто Владата не ги искористила медиумите за да ги предупреди граѓаните да ги напуштат нивните домови?, се дел од прашањата што ги поставува Нова демократија.
Спираки бара Владата да одговори врз основа на кој план биле спасувани луѓето што се нашле во море, но и „како е можно кога од 20.15 часот беше позната големината на катастрофата, на полноќ надлежните да го убедуваат премиерот во присуство на камери дека феноменот е во фаза на намалување, додека десетици луѓе веќе беа загинати“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.