| четврток, 6 декември 2018 |

Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“

Во рамките на „Македокс“ денеска ќе се одржи панел-дискусијата „Улогата на филмот во деинституционализацијата“ заедно со Вито Флакер (професор по социјална работа од Словенија), Дамијан Ненадиќ (режисер на филмот „Денови на лудило“), Ана Замецка (режисерка на филмот „Причест“) и авторките на кратките документарни филмови на првата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“, која ќе се одржи на 23 август, од 14 до 16 часот, во Музејот на современата уметност.

Со многу возбуда и емоции, радост и солзи, и со силни овации претходните две вечери беа проследени трите документарци на првата генерација „Докуникулци“, која произлезе од минатогодишната летна филмска школа на „МакеДокс“.

Краткиот документарен филм „Адолесцензура“ (Македонија, 2018, 14 мин.) на Леа Димитрова ги откри главните проблеми со кои се соочуваат младите во државата. Погледнати низ призмата на три другарки кои немаат забранети теми меѓу себе, филмот ги открива темите за кои не смеат да зборуваат пред другите и се принудени да воспостават сопствен режим на автоцензура. Филмот ги руши тие бариери.

Младата Јоана Арсовска во филмот „Поглед во очите“ (Македонија, 2018, 24 мин.) храбро зборува за својот живот пред и по ужасот наречен сексуално насилство. Во филмот се појавува уште еден анонимен протагонист, но пораката што Јоана ја испраќа после сѐ што доживеала е дека не треба да се гледа кон минатото, туку погледот на очите треба да се упати само напред, кон иднината. Премиерата на филмот беше емотивно доживеана и од авторката и од сите докуникулци кои се дел од школата на „МакеДокс“.

Премиерата на документарниот филм „Поинакви“ (Македонија, 2018, 24 мин.) на Розе Симоновска се одржа на 22 август во Куршумли-ан. Филмот открива дел од секојдневјето на Јордан од Велес. Тој е лице со посебни потреби, но режисерката низ комуникацијата со него на гледачите им открива дела Јордан е лице со сосема вообичаени потреби – сака да рецитира поезија, да слуша музика, да игра кошарка. Но, проблемот е што не успева да најде друштво во блиската околина и осуден е по цел ден сам да седи на компјутер. Филмот „Поинакви“ отворено зборува за проблемите при социјализацијата на лицата со аутизам.

„Како што го запознавав Јордан, така се спознавав и себеси. Тоа е убава конекција која сакам сите да ја доживеете“, рече режисерката на филмот Розе Симоновска.

На премиерата на филмот беше присутен и Јордан, и беше поздравен со силни овации. Во подготовката на филмовите учествуваше целата прва генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“, која истотака, се поклони пред публиката во Куршумли-ан.

Во Музејот на современата уметност на 22 август заврши втората работилница на темата „Режирање реалност“ со полскиот автор Војцех Старон. Во текот на трите дена беа прикажани документарните филмови „Сибирска лекција“, „Аргентинска лекција“, „Дон Жуан“ и „Браќа“. Зборувајќи за филмот „Браќа“, Старон објасни дека секогаш се обидува да направи сопствени композиција и интерпретација на приказните во своите филмови, а дека не се држи до хронологијата на настаните, туку минатото на протагонистите секогаш го става во втор или трет план. Во прикажувањето на внатрешната состојба на протагонистите често користи пејсажи од природата. Работилницата се случи со поддршка на Филмската фондација на Краков, Полска.

Со средба „Под смоквата“ со полските автори присутни на „МакеДокс 9“ ќе биде означен крајот на програмата – Земја во фокус, која беше најавена со „Полскиот пикник“ пред фестивалот, а во рамките на програмата беа прикажани 12 современи документарни остварувања. Средбата со Ана Гавлита, Томаж Волски, Ана Замецка и Војцех Старон ќе се случи во 18 часот.

Наградите на „МакеДокс 9“ ќе бидат доделени вечерва (на 23 август), во 20 часот, во Куршумли-ан. Статуетките на сите пет награди се дело на словенечкиот академски скулптор Примож Селишкар.

По церемонијата на доделување на наградите ќе бидат прикажани филмовите „Елегии за кодахромот“ (САД, 2017, 11 мин.) на Џеј Розенблат, „Рагу Раи – Неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка, 2017, 55 мин.) на Авани Раи во терминот од 21 часот, како и филмот „Лица, места“ (Франција, 2017, 89 мин.) на шармантната 89-годишна филмаџијка Агнес Варда во терминот од 23 часот. На платото пред Куршумли-ан, во 20.30 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Барут и сјај“ (САД, 2017, 67 мин.) на Виктор Јаковлески.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top