Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, при посетата на Софија, Во Дипломатскиот институт на бугарското Министерство за надворешни работи зборувал за стогодишнината од балканските војни во ситуација кога таа шанса не ја добиваат ни македонските државници ни научниците што ги проучуваат нивните историски последици. Според информациите од партијата на Ахмети кои ги добил Дневник, обраќањето во Институтот, било по барање на лидерот на ДУИ, кое веднаш било прифатено. Впрочем, исто како барањето за средби со премиерот Пламен Орешарски и со шефот на бугарската дипломатија Kристијан Вигенен.
Од кабинетот на првиот интегративец информираат дека тој не случајно ќе говори на темата „100 години по балканските војни, помирување и интеграција“.
– Пораката на Ахмети е дека токму на стогодишнината од балканските војни треба да се најде начин за помирување, дека е битен процесот на помирување и интегрирање на Македонија во европското семејство. Односно, меѓународните сили што учествуваа во Букурешкиот договор, сега, 100 години подоцна, повторно да се соберат за да ~ помогнат на Македонија за понатамошна интеграција – велат од ДУИ.
Според македонските историчари, кои речиси да немаат шанси да зборуваат за причините и за последиците од балканските војни и од Букурешкиот договор, со кој е распарчена територијата на етничка Македонија, ваквиот третман на лидерот на ДУИ покажува дека за трагичните последици од овие војни може да зборуваат само „истомислениците“.
– Посетата и предавањето на лидерот на ДУИ јас ги доживувам како средба на истомисленици, кои си се бараат за одредени политички агенди. Веднаш е јасно какви игри се водат, какви тези сакаат да се протанат, кој кого кани и какви политички констелации постојат. Јас не сакам да прејудицирам што тој ќе зборува, но работите се премногу исполитизирани – смета универзитетски професор и историчар Ванчо Ѓорѓиев.
И историчарот Далибор Јовановски, кој е експерт за овој период, истакнува дека македонските историчари многу, многу слабо ја добиваат шансата да зборуваат за македонското видување на последиците од балканските војни.
– Тоа особено се однесува на можноста да учествуваме на научните собири во Бугарија, Грција и во Србија на оваа тема. Н` покануваат кога се во прашање други теми. Наспроти ова, добиваме покани за собири на оваа тема во Турција, Црна Гора, Албанија, БиХ. Практично, секој си го гледа своето – оценува Јовановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.